Ракометарите на Нексе Нашице го освоија третото место на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид, откако во натпреварот за „бронза“ славеа над Вардар 1961 со 28-26 (16-15). Македонскиот вицепрвак имаше свои шанси, но клучните грешки во финишот го чинeа подобар пласман.
Првиот дел донесе израмнета игра со чести промени на водството. Вардар успеа да се врати во игра преку Танкоски и Кавада, но две исклучувања во клучни моменти му овозможија на хрватскиот тим минимална предност на полувремето – 16-15.
Во продолжението се играше гол за гол, но одбраните на Радовановиќ беа пресудни за Нексе. Вардар неколкупати имаше напад за израмнување, но промашените шанси и одбранетите седмерци го одведоа натпреварот на страна на гостите. На крајот, Нексе ја потврди победата и го освои третото место на турнирот.

Најефикасен кај победничкиот тим беше Барбиќ со шест гола, додека кај Вардар се истакна Марчињак со четири погодоци.
Во останатите дуели, Партизан го освои петтото место по победата над Тримо Требње со 33-30, Динамо Панчево заврши седми по триумфот над Киндил со 28-24, а тимот од Фарски Острови го зазеде последното место. Големото финале меѓу домаќинот Охрид и Еурофарм Пелистер е закажано за вечерва во 20:00 часот во СРЦ „Билјанини Извори“.
