Салата „Билјанини Извори“ вечерва ќе биде епицентарот на ракометните возбудувања. Во рамките на третата натпреварувачка вечер од четвртото издание на Меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ на програмата е првата сезонска епизода од македонското ракометно „Ел Класико“ – пресметката меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар 1961.
Ждрепката посака двата најголеми ривали да се сретнат уште во групната фаза, што значи дека овој дуел може да биде клучен во битката за првото место и пласман во финалето. Вардарци во првото коло славеа сигурен триумф над Динамо Панчево и со три бода влегуваат порелаксирани во дербито. Битолчани, пак, ремизираа со словенечкиот Тримо Требње и за да останат во игра за врвот мора да одат на победа против „црвено-црните“.
И двата тима на турнирот пристигнаа со цел да ја темпираат формата за претстојната сезона, но мотивацијата за победа е огромна, не само поради важноста на бодовите туку и поради долгогодишното ривалство кое секоја година добива нова димензија. Голем проблем за „зелено-белите“ може да биде неизвесниот настап на Никола Митревски и Филип Кузмановски, кои го пропуштија вчерашниот дуел со Тримо. На спротивната страна, тренерот Жељко Бабиќ исто така нема да може да смета на сите ракометари.

Интересно е што во последните две сезони овие два тима двапати се сретнаа токму на овој терен, во финалињата на Купот на Македонија, и двапати поуспешен беше Вардар 1961.
Натпреварот е закажан за 21:00 часот, а во Охрид се очекува вистински ракометен спектакл. Не се исклучува можноста салата „Билјанини Извори“ да биде исполнета до последно место, со поддршка од навивачките групи „Чкембари“ и „Комити“. Пред ова дерби, на програмата се уште два дуели: Партизан – Киндил и Динамо Панчево – Тримо Требње.