Машката сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија забележа убедлива победа против селекцијата на Бугарија со 3:0 во сетови (26:24, 25:23, 25:16) на првиот пријателски натпревар одигран во салата „Левски“ во Софија. Средбата беше дел од подготовките за претстојните европски квалификации кои започнуваат на почетокот на следниот месец.
Натпреварот се одигра зад затворени врати, а бугарската репрезентација настапи во проширен состав. По договор меѓу селекторите, беше одигран и дополнителен четврти сет кој, исто така, ѝ припадна на Македонија со резултат 25:22.
Селекторот Јошко Миленкоски им даде шанса на сите играчи кои ги имаше на располагање. Македонските одбојкари прикажаа дисциплинирана и организирана игра, што е уште една потврда дека десетдневниот подготвителен циклус во Маврово дава резултати и тимот е на добар пат во пресрет на официјалните натпревари.
Капитенот Никола Ѓоргиев беше најефикасен со 17 поени, додека Филип Савовски запиша 11, а Александар Љафтов 10 поени. Одлична поддршка дадоа и Владо Милев, Филип Маџунков и Стојан Илиев со по 7 поени.
Вториот контролен дуел меѓу Македонија и Бугарија ќе се одигра утре (среда) со почеток од 12:00 часот повторно во салата „Левски“ во Софија.