Селекторот Марјан Илиевски одлучи од денеска на тренинзите да се приклучат Марко Луканоски и Стефан Стојковиќ – кошаркари кои до пред неколку дена беа дел од младинската селекција „Под 20“ години. Тие настапуваа на Европското првенство од Дивизија Б што се одржа во Ереван, Ерменија, а заврши во неделата навечер.
Луканоски и Стојковиќ беа најдобрите поединци на првенството во Ерменија, а претходно беа и на поширокиот список на селекторот Илиевски. Затоа нивното приклучување во сениорскиот состав е логичен и очекуван потег.
Според статистиките од ЕП Дивизија Б, Марко Луканоски, кој е роден 2006 година, беше најдобар играч на нашиот тим. Првенството го заврши со просек од 14.4 поени, 9.4 скока (четврти најдобар скокач на шампионатот) и 2.6 асистенции. Неговото присуство ќе биде од големо значење за центарската линија на сениорскиот тим, која во моментов е најдефицитарна.
Стефан Стојковиќ, исто така роден 2006 година, во Ереван имаше просек од 11.7 поени, 7.3 скока и 2.4 асистенции. Кај сениорите ќе конкурира за крилните позиции.
Нашата репрезентација викендов ќе ги има и првите контролни натпревари во рамки на подготовките за втората фаза од претквалификациите за пласман на Светскиот Куп 2027. Во салата „НБ Ноел“ во Негорски Бањи, ќе ја пречекаме селекцијата на Швајцарија на два контролни меча, на 25 и 26 јули.