Фудбалскиот клуб Њу Старс од Ѓорче Петров со гордост објавува дека и во новата натпреварувачка сезона ќе биде дел од Супер младинската лига на Македонија, највисокото рангирано натпреварување за младински категории.
Овој континуитет е доказ за стабилноста, квалитетната работа и долгорочната стратегија на клубот во насока на развој на млади фудбалски таленти.
Во изминатиот период, клубот спроведе значајна реорганизација на стручниот кадар, со јасна цел – унапредување на тренажниот процес, подигнување на стандардите на работа и создавање на систем кој ќе овозможи континуирано производство на квалитетни фудбалери. Во рамките на оваа реорганизација, за координатор на младинската школа е назначен Даниел Боневски – кој со својата стручност, визија и лидерство веќе дава силен позитивен импакт врз функционирањето на клубот.
Даниел Боневски, кој е познат по својата аналитичност, дисциплина и посветеност во работата со млади категории, воведе нови методологии и современи пристапи во тренажниот процес, со посебен акцент на индивидуален развој на секој фудбалер.
Под негово раководство, младинскиот погон на Њу Старс не само што ќе функционира по повисоки стандарди, туку станува пример за модерна организација во македонскиот младински фудбал.
Круна на оваа посветена работа на целокупниот тим на Њу Старс се успесите на нашите млади фудбалери, кои сезонава постигнаа забележителни резултати, а дел од нив – вистински бисери на академијата – потпишаа професионални договори со реномирани клубови, како во Македонија, така и во странство. Тоа е потврда дека Њу Старс не само што создава фудбалери, туку гради карактери, млади луѓе кои се подготвени за предизвиците на професионалниот спорт.
Клубот останува цврсто посветен на својата мисија: да биде расадник на фудбалски таленти, да негува здрави спортски вредности и да придонесе кон развојот на македонскиот фудбал.