Во село Мешеишта започнува одбројувањето до едно од најзначајните спортски случувања во регионот – јубилејното, златно 50-то издание на традиционалниот турнир во мал фудбал „Петровден“. Пет децении континуитет, страст и спортски дух се преточени во оваа манифестација што не обединува како навивачи, играчи и вљубеници во играта со топка.
Оваа година интересот е рекорден – дури 34 екипи ќе се борат за престижот и титулата, но и за дел од рекордниот награден фонд од 500.000 денари. Турнирот, кој важи за еден од најдобро организираните во земјава, традиционално нуди високо квалитетна конкуренција, полни трибини и уникатна атмосфера под рефлекторите во Мешеишта.
Организаторите најавуваат богата програма и атрактивни натпревари, а ќе бидат доделени и специјални индивидуални признанија за најдобриот играч, голман, стрелец и млад талент, во чест на трагично починатиот Јован Николоски. Распоредот по групи ќе биде објавен денес, додека стартот на турнирот е закажан за среда, 18 јуни.
„Петровден“ одамна не е само турнир – тоа е симбол на спортската истрајност, локалната гордост и заедништвото. Јубилејното издание ветува уште поголеми емоции и незаборавни моменти, а Спортска Мрежа како долгогодишен медиумски поддржувач, ќе биде таму за да ја пренесе секоја секунда од оваа голема спортска приказна.