Денес и утре се игра завршницата од Купот на Македонија во машка конкуренција, Охрид ќе биде домаќин Ф4 турнирот, а салата „Билјанини Извори“ ќе ги собере љубителите на македонскиот ракомет, навивачи и поддржувачи да уживаат ракометната игра на најдобрите четири македонски ракометни клуба.
Претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Александар Стефанов, на денешната прес-конференција покрај езерото истакна дека фајнл-форот секогаш имал посебен натпреварувачки дух, притоа ги повика сите да дојдат и да уживаат во овој ракометен празник!
„На овој фајнл-фор е собран македонскиот ракометен крем, екипите кои наназад ја сочинуваат таа прва четворка и кои што навистина изминатите години и во годините кои што одат како што гледаме и како што има најави, вложуваат во македонскиот ракомет и успешно како и дома така и на меѓународната сцена ќе не претставуваат, ќе се претставуваат и сами и нас како Македонија, како држава и како федерација. Би сакал да им посакам среќа на сите учесници, спортска среќа во еден ракометен дух, спортски, коректна борба, да имаме убав фајнл-фор, да посакам успех на сите. Уште еднаш да се заблагодарам на домаќинот за организацијата и за се што овозможи тука да го одржиме овој фајнл-фор. Ги повикувам сите да дојдат овде, ова е ракометен празник, ракометен викенд, фајнл-форот на Купот секогаш имал посебен натпреварувачки дух и ја одразува ракометната игра, а на крај победникот секогаш ќе се закити со пехарот и со прво место“, рече претседателот на РФМ, Александар Стефанов.
Во првото полуфинале со почеток од 17:30 часот ќе се соочат Вардар и Алкалоид, а пак во 19:30 часот ќе се одигра мечот меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер.
Спортска Мрежа од салата „Билјанини Извори“ ќе ви ја носи ракометната атмосфера со детални извештаи од натпреварите.