Фудбалскиот клуб Башкими е нов член на Првата македонска фудбалска лига, откако во бараж-натпреварот во Кавадарци го совлада прволигашот Беса со 0:2 и на голем начин се врати во елитата по долги години. За Беса, пак, ова значи крај на прволигашкиот сон – само по една сезона повторно се сели во Втората лига.
На трибините во Кавадарци владееше вистинска ерупција на емоции. Навивачите на Башкими заедно со фудбалерите ја прославија оваа историјска победа, која ги враќа меѓу најдобрите во македонскиот фудбал. Освојувачот на Купот на Македонија од сезоната 2004/05 успеа да се избори за ново учество во Првата лига, а амбициите не завршуваат тука.
Башкими поведе во 35. минута, кога Хебиб Саити со феноменален спринт го претрча половина терен и прецизно го совлада голманот Силјановски. Радост кај навивачите на Башкими – тага и тишина на спротивната страна кај симпатизерите на Беса.
Во 80. минута, џокерот од клупа на тренерот Баже Јанакиевски, Филип Алексовски, го постави конечниот резултат од 0:2, ставајќи печат на победата и на пласманот на Башкими во елитата.
Башкими мораше да мине тежок пат – откако загуби три бодови по спорниот натпревар со Кожуф во Гевгелија и го заврши првенството на третата позиција, мораше преку бараж да ја брка елитата. Но, успеа.
Уште поважно – управата на клубот пред 20-тина дена потврди за Спортска Мрежа дека целта не е само враќање во елитата, туку и создавање тим за висок пласман и идно учество во европските натпреварувања.
По Македонија ЃП (како шампион на Втора лига) и Арсими (со историски пласман), Башкими е третата екипа која обезбеди настап во Првата лига за сезоната 2025/26. Беса, пак, ќе мора да размислува за експресно враќање во елитата.