Претпоследното, 26. коло од Првата женска фудбалска лига донесе многу погодоци и убедливи победи.
Тиверија Брера во Струмица со убедливи 7:0 го совлада тимот на Атлетико од Битола. Домашниот тим, предводен од Славе Велков, немаше проблеми да стигне до триумф.
Хет-трик постигна Кристина Нафула, двоен стрелец беше 17-годишната Ангела Димчова, а по еден гол запишаа Павлинка Николовска и Билјана Панеска. Дополнително, Тиверија Брера не реализира и пенал.
Истатов, на крилата на Меланија Грозданова, го совлада Ас Јунајтед со убедливи 6:0 на домашен терен. 16-годишната фудбалерка постигна четири гола, а по еден гол додадоа Ана Нешковска и Андреа Коловска.
Тимот на искусниот стратег Кирил Изов лесно се справи со струшкиот тим и трите бодови останаа дома.
Скопје забележа убедлива победа од 8:0 на домашен терен над Топ Гол од Битола. Михаела Додевска беше двоен стрелец, а по еден гол постигнаа Кристина Крстева, Рабија Дервиши, Јована Каралиоска, Никица Трендова, Бесарта Фида и Ана Боризоска.
Во рамките на 26. коло, слободна беше екипата на Речица, која се подготвува за баражот за опстанок против Вардар.
Како што веќе информираше Спортска Мрежа, екипата на Љуботен со 0:2 триумфираше над Каменица Саса со што ја одбрани титулата во ПЖФЛ.