Брегалница освои значаен бод на гостувањето во Куманово, откако одигра нерешено 1:1 против Башкими во натпревар од Првата македонска фудбалска лига. Штипјани имаа негатива по првото полувреме, но во продолжението успеаја да се вратат во игра и да избегнат пораз, задржувајќи ја предноста од три бода во однос на денешниот противник.
Натпреварот на стадионот на Башкими започна со околу 15 минути задоцнување, бидејќи на спортскиот објект првично немало противпожарно возило.
Брегалница ја имаше првата сериозна можност за погодок. Методи Максимов се обиде со удар од далечина, домашниот голман Бесјан Алиу интервенираше, но ја одби топката. На неа налета Иван Глигоров, кој од непосредна близина не успеа да ја погоди мрежата.
Пропуштената можност на гостите беше казнета во 27. минута. Капланај испрати прецизен центаршут од левата страна, а Јахаја Фавзи остана незабележан пред голот и со удар со глава го совлада Амар Јашар за водство на Башкими од 1:0.
Домашниот состав успеа да ја сочува минималната предност до заминувањето на одмор, додека Брегалница во второто полувреме започна да бара начин да се врати резултатски во натпреварот.
По неколку обиди да се пробие одбраната на Башкими, Брегалница стигна до израмнување во 73. минута.
Акцијата започна од десната страна преку Кристијан Стојковски, по што Иван Николов со глава ја врати топката во опасната зона пред голот.
Домашниот голман Алиу не успеа соодветно да интервенира во мешаницата, а Натаниел Лоренцо Маское се најде на вистинското место и ја испрати топката во мрежата за 1:1.
За канадскиот интернационалец ова беше трет сезонски погодок во дресот на Брегалница.
По примениот гол, Башкими се обиде повторно да ја преземе предноста. Бејзад Лимани имаше можност да се најде во изгледна позиција, но навремената реакција на Алексовски спречи посериозна опасност пред голот на штипјани.
До последниот судиски свиреж резултатот остана непроменет, па двата тима освоија по еден бод.
Со освоениот бод, Брегалница сега има 14 бодови и се наоѓа на седмата позиција на првенствената табела, додека Башкими останува веднаш зад неа, на осмото место со 11 бодови.
Ремито им овозможи на штипјани да ја задржат разликата од три бодови во однос на директниот конкурент, во период кога секој освоен бод има големо значење во борбата за што подобар пласман.
По овој натпревар следува репрезентативна пауза, а во наредното коло Брегалница на домашен терен ќе ја пречека Струга. Башкими, пак, ќе гостува кај Шкендија Арачиново.