Тренерот на Струга Трим Лум, Бледи Шкемби, го најави претстојното дерби против Вардар, нагласувајќи дека неговиот тим го очекува тежок натпревар против актуелниот шампион.
Сепак, стружани немаат намера однапред да се откажат од бодовите.
Шкемби истакнува дека неговите избраници во Скопје ќе отпатуваат со јасна цел – да одиграат квалитетен натпревар и да се вратат со целиот плен.
„Против Вардар нè очекува тежок натпревар, исто како речиси секоја недела во првенството. Во Скопје одиме да одиграме добар натпревар и ќе се обидеме да победиме. Секако, мора да го почитуваме противникот и да го дадеме максимумот од наша страна“, изјави Шкемби.
Тренерот на Струга Трим Лум се осврна и на борбата за врвот на табелата, за важноста на денешниот дуел со Вардар како и на следниот предизвик против Шкендија Тетово, нагласувајќи дека сè уште е рано овие средби да се прогласат за решавачки.
„Не мислам дека станува збор за пресудни натпревари, ниту овој против Вардар, ниту следниот што нè очекува против Шкендија. Првенството има уште многу натпревари и има доволно време за надополнување на бодовите, без оглед на моментната ситуација“, порача стратегот на Струга ТЛ.