Актуелниот шампион Вардар денеска на комплексот на Фудбалската федерација на Македонија ќе го пречека тимот на Струга Трим Лум во дербито на 12. коло од Првата македонска фудбалска лига.
„Црвено-црните“ посакуваат продолжување на позитивната серија во домашниот шампионат, а воедно и брзо да го остават зад себе разочарувачкото издание на куп-дуелот против Тиквеш.
Десниот бек на Вардар, Ѓорѓие Јанкулов, истакнува дека атмосферата во тимот е позитивна и дека фудбалерите се максимално мотивирани да стигнат до нова победа и да ги освојат трите бода против незгодниот противник од Струга.
„Играме дерби натпревар против Струга Трим Лум и ќе се обидеме да ја продолжиме успешната низа на резултати кои ги имаме во првенството. Посакуваме три бода, со оглед дека нашите амбиции се да стигнеме до првата позиција на табелата. Минатиот натпревар од Купот е заборавен и се надеваме дека тоа беше само еден лош ден. За да стигнеме до успех на денешниот меч со Струга Трим Лум, ќе мораме грешките да ги сведеме на минимум“, изјави Ѓоргије Јанкулов.
Натпреварот меѓу Вардар и Струга Трим Лум ќе се одигра на комплексот на Фудбалската федерација на Македонија, со почеток од 14:00 часот, а ќе го суди Доне Ристовски.