Македонската ракометна репрезентација го отвора новиот квалификациски циклус со амбиција повторно да обезбеди место на големото натпреварување. Првата пречка на патот кон посакуваниот пласман е селекцијата на Луксембург, која во среда ќе гостува во Скопје, по што избраниците на Кирил Лазаров ги очекува и гостинскиот дуел против Грција.
Селекторот Лазаров е свесен за улогата што ја има Македонија во претстојниот натпревар, но предупредува дека фаворитскиот статус мора да биде потврден и на теренот. Дополнителен предизвик за стручниот штаб е промената на селекторската позиција кај противникот, поради што нема доволно видео материјали за детална анализа на неговата игра.
„Имаме нов предизвик, квалификации за ЕП 2028. Имаме доста искуство со ваков тип на квалификации. Првиот ривал е Луксембург. Нема да бегаме од фаворитската улога, но секако дека ќе барам претпазливост од нашите играчи. Тие го сменија селекторот и немаме видео материјал да видиме како функционираат”, рече Лазаров, кој потенцираше дека со доаѓањето на натурализираниот Димитро Хориха, националниот тим добил дополнителен квалитет.
Новиот репрезентативец пристигнува со искуство од македонскиот ракомет, каде што настапуваше во дресот на Вардар, а сега е дел од ПИК Сегед. Лазаров верува дека неговите квалитети ќе бидат значајно засилување за националниот тим и очекува брзо да се вклопи во репрезентативната средина.
„Дмитро доби македонско државјанство. Се работи за квалитетен играч, кој изминативе години покажа во дресот на Вардар дека имаше главна улога во освојување на шампионската улога. Сега е член на ПИК Сегед тим кој е во Топ 10 во Европа. Се надевам дека брзо ќе се вклопи во екипата, дека момците ќе го прифатат”, реферираше Лазаров.
На почетокот на подготовките недостасуваа и ракометарите на Вардар и Еурофарм Пелистер, кои вечерва ги имаа меѓусебните клупски обврски. Селекторот посакува дербито да заврши без повреди, за сите повикани играчи да можат да се приклучат на репрезентацијата и да одговорат на претстојните предизвици.

Македонија во овој квалификациски циклус ќе има две можности да го потврди посакуваниот почеток на патот кон континенталниот шампионат. Амбицијата е јасна – две победи и успешен старт на новиот циклус.