Светското првенство во ракомет во 2027 година ќе мине без македонски судиски претставници, откако Меѓународната ракометна федерација го објави конечниот список на арбитри кои ќе бидат дел од мундијалскиот собир во Германија.
За шампионатот, кој ќе се одржи од 13 до 31 јануари, доверба добија 26 судиски двојки од 22 национални федерации. Во изборот се застапени арбитри од Европа, Африка, Азија, како и од Јужна и Средна Америка.
На листата се најдоа судии од традиционално силните ракометни земји, меѓу кои Германија, Франција, Шпанија, Данска, Норвешка и Шведска, но Македонија нема свој претставник.
Ова е промена во однос на претходните големи натпреварувања, на кои нашата земја имаше препознатливо судиско присуство преку Славе Николов и Ѓорѓи Начевски. Македонската двојка зад себе има настапи на повеќе Мундијали, а посебно признание доби со делегирањето на финалето на Светското првенство во 2023 година.
Покрај нив, ИХФ располага и со уште две македонски судиски двојки – Даниело Божиновски и Виктор Начевски, како и Исмаил Металари и Ненад Николовски.
Надвор од европскиот континент, на списокот се застапени и судии од Алжир, Египет, Кувајт, Узбекистан, Аргентина, Бразил и Уругвај.
Така, претстојниот Мундијал ќе биде голем собир на меѓународната судиска елита, но без македонско знаме меѓу избраните 26 двојки.