Ракометарите на ГРК Охрид ги продолжуваат обврските во Супер лигата со гостување кај Куманово во рамките на деветтото коло. „Гладијаторите“ во салата „Перо Наков“ ќе атакуваат на нови бодови, со кои сакаат да го задржат победничкиот ритам пред претстојната репрезентативна пауза.
Охриѓани се свесни дека ги очекува незгоден противник, особено на негов терен, па за посакуваниот исход ќе биде потребно максимално залагање во текот на сите 60 минути. Мартин Карапалевски нагласува дека тимот ги знае своите квалитети, но потенцира дека победата ќе мора да се заслужи со дисциплинирана игра и вистински пристап.
„Нè очекува натпревар против младата и незгодна екипа на Куманово, која особено на домашен терен може да биде опасна. Свесни сме за нашите квалитети и влегуваме во натпреварот со јасна цел да ги освоиме бодовите. Сметам дека, доколку бидеме на потребното ниво, со максимален пристап и дисциплина во текот на сите 60 минути, можеме да стигнеме до посакуваниот резултат. Дополнителен мотив ни е тоа што ова е последен натпревар пред репрезентативната пауза, па сакаме да ја завршиме оваа серија на најдобар можен начин.“- изјави Карапалевски.

Дуелот меѓу Куманово и ГРК Охрид ќе се одигра в сабота, на 31 октомври, со почеток во 18:30 часот, во салата „Перо Наков“. За охриѓани ова е можност со уште едно добро издание да ја потврдат својата амбиција и со позитивен резултат да заминат на пауза. Но, за тоа ќе мора да одговорат на предизвикот на теренот и да ја оправдаат фаворитската улога.