ГРК Охрид убедливо го отвори европскиот двомеч со Спор Тото, совладувајќи го турскиот претставник со 36-24 (18-10) во првата средба од второто коло на ЕХФ Европскиот Куп. Но, покрај високата победа на актуелниот освојувач на трофејот, натпреварот донесе и емотивен момент поврзан со ракометарот на гостинскиот тим, Халил Озтурк.
Турскиот бек има настапувано за Охрид во македонското првенство, па враќањето во градот и средбата со добро познатата средина за него имаат посебно значење. Иако овојпат го носеше дресот на противничката екипа, во изјава за Спортска Мрежа, Озтурк испрати искрени зборови за Охрид и неговите жители, а не пропушти да му честита на својот поранешен клуб за прикажаното на теренот.
„Порано играв тука, така што, го познавам овој град, ги познавам овие луѓе. Навистина се чувствувам како да сум во својот втор дом. Атмосферата во салата беше одлична и честитки за победата на Охрид. Тие се навистина многу добар тим.“- изјави Халил Озтурк за Спортска Мрежа.

За Охрид, сега фокусот е насочен кон реваншот, во кој ќе има можност пред домашната публика да ја потврди убедливата победа и да го завери пласманот во следното коло. Втората средба со Спор Тото се игра утревечер од 18:30 часот во СЦ „Билјанини Извори“.