Фудбалскиот клуб Тиверија од Струмица се соочува со еден од најтешките моменти во својата историја. Откако струмичкиот клуб беше исклучен од натпреварувањето во Третата македонска лига – Регион 3 поради два неоправдано неодиграни натпревари, актуелната управа соопшти дека поднесува оставка и упати повик до сите заинтересирани да се вклучат во спасувањето и реорганизацијата на клубот.
Од управата нагласуваат дека не бараат оправдувања за начинот на кој клубот бил организиран и функционирал, преземајќи ја одговорноста и оставајќи простор за нови луѓе, идеи и подобра организација. Воедно, тврдат дека Тиверија нема долгови, а најавуваат дека преостанатите средства на клупската сметка, заедно со целосен извештај за досегашните трошоци, ќе бидат вратени во општинскиот буџет.
Во своето обраќање до јавноста, од клубот посочуваат дека Тиверија со години се соочувала со финансиски и организациски тешкотии, а дополнителен проблем оваа сезона било и селектирањето на фудбалери по формирањето на општинската лига. Управата верува дека клубот заслужува нова шанса и повикува на заеднички ангажман за неговата иднина.
- Соопштението од Управата на ФК Тиверија го пренесуваме во целост:
„Почитувани спортисти, навивачи, почитувани тиверијанци, Сакаме да ја информираме јавноста во врска со случувањата поврзани со клубот, кои ете ни покажаа знаци дека сепак сеуште постојат луѓе на кои клубот нешто им значи. Како управа свесни сме дека ја носиме одговорноста за начинот на кој клубот беше организиран и функционираше. Не бараме оправдувања, ниту сакаме да вперуваме прст кон поединци. Сметаме дека најчесно е одговорноста да ја преземеме на себе и поднесуваме оставка, оставајќи простор за нови луѓе, нова енергија и подобра организација. Нашата цел никогаш не била личен интерес, туку опстојување и напредок на клубот. Затоа упатуваме искрен повик до сите кои ја сакаат Тиверија и се подготвени да ја понесат таа одговорност, отворени сме за преземање на клубот од страна на нови луѓе кои ќе имаат јасна визија, план и капацитет да ја обезбедат иднината на клубот. Особено сакаме да нагласиме дека ФК Тиверија нема долгови! Средства на клупската сметка има, и преостанатите средства заедно со целосен извештај за потрошените средства до сега, ќе бидат вратени во општинскиот буџет. За појаснување на јавноста, од 01.01.2026 до 11.09.2026 од страна на општина Струмица има исплатено 464.028 денари, односно во целост е испочитуван договорот потпишан по јавниот повик. ФК Тиверија изминатите години секоја сезона се „мачеше’’ и финансиски и организациски. Но, сега со формирањето на општинската лига, се соочивме со проблем и со селектирање на фудбалери. ФК Тиверија заслужува шанса да продолжи да и да се реорганизира. Повик до сите загрижени граѓани, секој кој сака и има начин како да помогне, вратите на клубот се отворени за секого! Секој кој ќе се нафати и смета дека ние како поранешна управа ќе можеме да придонесеме во било кој сегмент во клубот стоиме на располагање. Затоа што на крајот, функциите поминуваат, управи се менуваат, но клубот мора да остане“, стои во соопштението од Управата на ФК Тиверија.
Одлуката за исклучување од натпреварувањето доаѓа по серијата тешки резултати и проблеми со организацијата на гостувањата. Тиверија ја започна сезоната 2026/2027 со убедлив пораз од 11:0 на гостувањето кај Овче Поле во Свети Николе, а во второто коло загуби со 0:13 од Дојранско Езеро на домашен терен.
Во третото коло струмичани не отпатуваа во Берово за дуелот со Малеш, по што беа санкционирани со одземање три бода. На следниот натпревар загубија со 2:10 од Хоризонт Турново, а потоа не се појавија ниту на гостувањето кај Каменица Саса во Македонска Каменица, во рамките на петтото коло. Второто неоправдано неиграње значеше исклучување од лигата согласно пропозициите.
Со оваа одлука, резултатите од натпреварите на Тиверија во досегашниот дел од сезоната се бришат, вклучително и постигнатите голови и освоените бодови на противничките екипи во дуелите со струмичани. Првенството ќе продолжи со 11 екипи, а во секое следно коло по една екипа ќе биде слободна. Измените ќе се одразат и врз досегашниот изглед на табелата.
Тиверија е клуб со долга традиција, основан во 1923 година, додека спортското друштво започнало со работа уште во 1921 година. Во својата историја клубот настапувал и во Втората македонска лига, а неговото име со децении е дел од фудбалската традиција на Струмица.
Сега пред клубот останува неизвесен период, а повикот на досегашната управа е јасен: потребни се луѓе со визија, план и подготвеност да преземат одговорност за неговото понатамошно функционирање. И покрај исклучувањето од актуелното првенство, од Тиверија порачуваат дека клубот заслужува шанса за реорганизација и продолжување на својата фудбалска приказна.