Деветтото коло во Првата македонска фудбалска лига донесе сигурен триумф за Тиквеш во дуелот со Брегалница, додека Силекс повторно остана без победа, откако одигра 1:1 на гостувањето кај Арсими во Гостивар.
- Тиквеш со три гола ја надигра Брегалница
Фудбалерите на Тиквеш ја искористија предноста на домашниот терен и со убедливи 3:0 ја совладаа Брегалница од Штип, потврдувајќи ја добрата позиција во прволигашката конкуренција.
Кавадарчани одлично го започнаа натпреварот и поведоа уште во третата минута. По корнерот на Николовски, Лавал се најде на вистинското место и со удар со глава ја испрати топката во мрежата на гостите за 1:0.
Притисокот на домашниот состав продолжи, а во 16. минута предноста стана уште поубедлива. По една акција на Тиквеш, Ристе Темелков несреќно ја затресе сопствената мрежа, па Брегалница се најде во незавидна позиција уште во раната фаза од средбата.
Штипјани не успеаја да пронајдат решение за играта на домаќините, кои во продолжението ја контролираа средбата. Тиквеш имаше можности и за поубедлив триумф, а конечниот резултат беше поставен во 85. минута, кога Лузианињо ја заврши акцијата по новата асистенција на Николовски.
Со оваа победа, Тиквеш стигна до 16 бодови и се искачи на третото место на табелата, додека Брегалница останува на седмата позиција со 10 бода.
- Силекс повторно без победа, Арсими освои бод
Силекс не успеа да ја прекине негативната серија и по шестти пат во низа не забележа победа во Првата лига. Кратовчани ремизираа 1:1 на гостувањето кај Арсими, во натпревар исполнет со шанси и неколку значајни моменти.
Гостите беа поактивни во првиот дел и создадоа неколку добри можности за водство. Хасукиќ во 18. минута не успеа да го совлада голманот Силјановски, додека ударот на Донов десет минути подоцна заврши во стативата. Своја шанса имаше и Талаков, но биеше непрецизно.
Првото полувреме беше засенето од тешката повреда на напаѓачот на Арсими, Контрерас, кој по незгоден пад мораше да биде пренесен во болница со амбулантно возило.
На почетокот на второто полувреме Силекс поведе со автогол на Џемаили, кој во обид да ја расчисти опасноста ја испрати топката во сопствената мрежа. Сепак, предноста на гостите траеше кратко, бидејќи Ебрима Гаје, кој влезе во игра по повредата на Контрерас, брзо донесе израмнување за Арсими.
Во продолжението двата тима имаа можности да стигнат до цел плен. Голманите Силјановски и Џеков имаа свои моменти, а домашниот состав беше блиску до целосен пресврт кога ударот на Рамадани заврши во пречката. Силекс се закани и во самиот финиш, но не успеа да постигне победнички гол.
По ова реми, Силекс има 10 бодови и се наоѓа на шестото место, додека Арсими е осми со девет бодови. Кратовчани така ја продолжуваат серијата без триумф, а во следното коло ќе мора да бараат начин да се вратат на победничкиот пат.