Нова сезона, нови предизвици и нова можност за трофеј за Штип УГД. Шампионот на Македонија утре во Тетово ќе го одигра Суперкупот, со што и официјално ќе биде означен почетокот на новата одбојкарска сезона.
Противник на составот од Штип ќе биде Борец од Велес, во дуел кој носи голем влог уште на самиот старт. Штип УГД во натпреварот влегува како освојувач на двојната круна од минатата сезона, откако за првпат во историјата ја освои шампионската титула, а третпат триумфираше во Купот на Македонија.
Со историскиот успех, тимот направи голем чекор напред, но амбициите не застануваат тука. Предводен од крушевскиот стратег Кристијан Ристески, Штип УГД и во новата сезона има највисоки цели – одбрана на шампионската и куп-титулата, а првата можност за нов трофеј ќе биде токму Суперкупот.
Донирај за Спортска Мрежа и поддржи го независното известување за македонскиот спорт
Сезонава носи и уште еден историски момент за клубот. Штип УГД за првпат ќе настапи во Лигата на шампионите, што претставува ново поглавје во развојот на клубот и дополнителен мотив за екипата да продолжи со успешните резултати и на домашната сцена.
Првиот чекор кон новата сезона е утрешниот дуел со Борец. Натпреварот за Суперкупот на Македонија ќе се игра во Тетово со почеток од 17:00 часот, а победникот ќе го подигне првиот трофеј во новата сезона.
За Штип УГД, приказната продолжува – по историската двојна круна, следуваат нови предизвици и обид за нејзина одбрана.