Кенискиот атлетичар Дерик Чеге Њороге е победник на 22. издание на Скопскиот маратон, кој вчера се одржа на улиците во главниот град пред рекорден број учесници. На трката настапија над 15.050 учесници од 63 земји.
Њороге беше најбрз во машката конкуренција, откако маратонската патека ја истрча за 2:12:56 часа. Второто место му припадна на неговиот сонародник Едвин Кимару Косгеи со време 2:13:21, додека голем успех оствари најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски, кој го освои третото место со резултат 2:13:49.
И во женската конкуренција доминираа атлетичарки од Кенија. Победата ја однесе Долфин Кемунто Њагака, која стигна до целта со време од 2:32:06 часа.
Втора заврши Мерси Џебичии Кипкемои со резултат 2:39:40, додека третото место го освои Естер Чесанг Какури, која маратонската дистанца ја истрча за 2:40:19.
На четвртото место заврши нашата најдобра македонска маратонка Андријана Поп Арсова Рашиќ, која оствари одличен резултат од 2:49:37 часа, со што беше најдобро пласирана македонска атлетичарка во женската конкуренција.
Со одличната атмосфера и рекорден број учесници, 22. издание на Скопскиот маратон уште еднаш го потврди статусот на една од најзначајните спортски манифестации во Македонија.