Претставниците на македонската одбојкарска заедница кои во саботата присуствуваа на Редовниот годишен семинар за судии и делегати, одржан во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје во организација на Судиската организација на ОФМ, имаа можност да го следат предавањето на еден од визионерите на модерното судење – претседателот на Европската судиска комисија при ЦЕВ, Артуро Ди Џакомо.
Првиот човек на Европската судиска комисија пред националните и меѓународните судии и делегати, тренери и останатите претставници на Федерацијата ја презентираше својата визија за модерното судење, кое мора да ја следи еволуцијата на самата одбојка.
Ди Џакомо говореше за развојот на судиите и нивната улога во тој процес, но и за промените во перцепцијата на нивната функција во еден натпревар. Новите правила на ФИВБ носат поинаков пристап кон судењето, со цел играта да стане подинамична, поразбирлива и поатрактивна за сите – од играчите и тренерите, до публиката.
Правилата кои ФИВБ и ЦЕВ ги воведоа на почетокот на 2026 година, а кои во текот на летниот период беа тестирани на различни натпреварувања, официјално стапуваат во сила со новата сезона. Нивното правилно разбирање и имплементација ќе биде од особено значење за сите чинители на одбојкарскиот натпревар.
ЦЕВ и ФИВБ интензивно работат на промена на филозофијата на одбојката и воведување помодерен пристап кон спортот, како за играчите и судиите, така и за публиката. Целта е судијата да биде дел од модерниот развој на играта, со јасна улога во нејзиното одржување динамична, атрактивна и фер.
Артуро Ди Џакомо во Скопје беше расположен детално да го објасни целиот процес, а по предавањето одвои време и за мини-интервју за сајтот на ОФМ, во кое говореше за новите правила, иднината на судењето и промените кои ја очекуваат одбојката.
„Модерната одбојка е тесно поврзана со модерното судење. Тоа значи дека судијата мора да ги знае правилата – секако, но новата визија е дека судијата мора да биде повеќе менаџер во натпреварот. Прво тој мора да ја разбира динамиката на натпреварот, односно дека судијата е учесник во целокупната акција, а тоа значи мора да ја разбере играта и да биде дел од играта. Второ – не треба непотребно да интервенира и да предизвика несакани проблеми со мали детали. Најважна е превенцијата и да најде начин како да го продолжи мечот. Затоа ги тестиравме новите правила кои треба да донесат подобрување. Најважната порака која мора да се пренесе е дека целта е да се заштити и интегритетот на судиите, а за тоа ни треба и компетенција и да се разбере уметноста на судењето, што беше и моја цел на Семинарот во Скопје“, објаснува првиот човек на Европската судиска комисија, Артуро Ди Џакомо.
Технологијата станува сè поважен дел од современата одбојка, од системот за „Challenge“ и видеоанализата до новите дигитални алатки.
„Технологијата денеска има многу важна улога во модерната одбојка, но најважното е што таа е алат за поддршка на судиите и истовремено да ја покаже вистината, да го подобри фер-плејот и транспарентноста на играта. Технологијата не ја превзема улогата на судијата, туку таа е алат за да помогне и во тоа сме согласни и во ЦЕВ и во ФИВБ. ‘Челинџ системот’ е особено ефикасен и ја редуцира нервозата во случај на недоразбирање меѓу играчите, тренерите, судиите и публиката… Технологијата ни нуди можност која мора да ја прифатиме! Имаме можност да ја користиме и за едукација на судиите, за анализа на натпреварите – ова важи и за тренерите, и можеме да го надгледуваме настапот и комуникацијата, и интеракцијата меѓу сите чинителите на играта, но и меѓу публиката за да се има појасна слика за она што се случува на теренот. Технологијата треба да ја гледаме како асистент!“
Европската судиска комисија може дополнително да ја зајакне соработката со националните федерации.
„Долги години сум дел од ЦЕВ и сега како прв човек на Судиската комисија одржувам контакти со сите национални федерации затоа што развојот на судиите во Европа не може да биде постигнат само преку ЦЕВ, нам ни се потребни Федерациите кои ни се партнери во процесот. Затоа мора да имаме константна комуникација и заеднички преку семинари, активности и работилници, размена на искуства да создаваме услови да имаме најдобра пракса. На пример може да поканиме судии од помалите земји да судат на пример во Вторите лиги во Турција или Италија, каде квалитетот е на многу повисоко ниво, а искуството кое ќе го добијат тие судии е сосема различно од нивото на кое се навикнати. Тоа е некој мој проект, мора визија. Потоа и нивото на развој на некои земји е различен, видовте и годинава на ЕвроВолеј – Финска, Романија, Грција, Белгија… тие дојдоа како убаво освежување. Мислам дека ЦЕВ мора да биде близок до своите Федерации, да слуша, да објаснува и да поддржува, бидејќи тоа е единствениот начин да им се овозможи на новата генерација на судии да стигнат до едно високо ниво.“
Постојан развој на судиите и создавање на што поквалитетна следна генерација е во фокусот на ЦЕВ и националните федерации.
„Јас сум повозрасен, но со богато искуство, кое ми дозволува да креирам и нови визии за судењето. Менуваме многу нешта и воведуваме ‘тренер на судии’, тоа ќе значи дека наша задача ќе биде да ја научиме новата генерација на судии да бидат повеќе психолози. Пораката која треба ‘тренерот на судии’ да ја испрати на новата генерација е дека мора да бидете мудри, вие сте дел од играта, вие сте менаџерите, вие не сте повеќе ‘полицаец’ и насочете го вниманието кон тоа. Не се двоумете да ја објасните вашата одлука со вашиот говор на телото, личноста која сте, харизмата… Тоа е ‘товарот’ за новата генерација на судии и тоа е нашата цел да им го објасниме. Понекогаш новата генерација сака да оди побрзо, но такво е општеството во кое функционираат – имаме ајфон, социјални медиуми, сѐ. Еден мој совет за новата генерација, не бидете егоистични и арогантни и оставете ги социјалните медиуми, тоа е негативност за нашата професија.“
Тој изјави дека македонските судии се одлични.
„Имам одлични контакти и соработка со моите колеги во Македонија. Најважна е комуникацијата и секако самонабљубувањето. Ние се трудиме да ги надгледување сите судии, но исто така е важна и нивната свесност за новото кое го имаат, како и комуникацијата која ја имаме за тие да се надградат и да растат. Во Македонија видовме дека има млади судии кои доаѓаат, има нова генерација, па дури и на жени судии, што радува. И тоа е една од визиите на ЦЕВ и ФИВБ – што повеќе женски судии, и поради тоа им се даде можност и жените судии да делат правда на сите натпревари кои го отворија ЕвроВолеј 2026 во машка конкуренција. Ние ја даваме можноста, но судиите се тие кои мора да ја искористат.“
„Визијата е дека мора да се создадат можности и да се мотивираат младите судии. Тоа е проблем кој го имаме во сите земји, да ги привлечеме судиите да се приклучат и сега пробуваме да го направиме тоа со различни проекти. ЦЕВ ги штити судиите, ние не сме против нив, ние сме за нив. Работиме на академски кампуси, семинари, курсеви и работилници. Визијата е да се прати порака дека судиите мора да имаат отворен ум и дека тие не се повеќе во мечот за да го контролираат, туку тие треба да се адаптираат на мечот. Тоа е најважната работа за нас и не е лесно да се спроведе тоа затоа што зависи и од одговорот кој ќе го добиете од судиите. Тоа, пак, е во тесна врска со личноста на судијата, чувството кое го имаат, затоа што сега дефиницијата е менаџер, а менаџирањето на натпреварот станува слично како и улогата која ја има играчот во мечот. И затоа ја менуваме филозофијата за да дадеме поголема визија на новата генерација во однос на менаџирањето на натпреварите.“