Македонскиот тенисер Калин Ивановски со голема борба и по речиси три часа игра успеа да го совлада Италијанецот Џузепе Вела со 2:1 во сетови (6:4, 5:7, 6:4) во првото квалификациско коло на Челинџерот во Палермо.
Ивановски одигра исцрпувачки меч кој траеше два часа и 44 минути, а со победата обезбеди пласман во финалето на квалификациите. Таму утре ќе се соочи со првиот носител во квалификациите, Федерико Арнабалди, кој исто така денеска мораше да одигра три сета за да стигне до победата над Андреа Де Марчи со 2:1.
Ивановски одлично го започна мечот и веднаш направи брејк, што му овозможи првиот сет да го добие со 6:4. Во вториот сет Вела успеа да возврати и со 7:5 да израмни на 1:1.
Во решавачкиот сет се водеше голема битка, а Ивановски направи клучен брејк во деветтиот гем. Македонскиот тенисер потоа беше под постојан притисок, но успеа да ја искористи третата меч-топка и да го затвори сетот со 6:4.
Ивановски утре (понеделник) ќе игра во првиот меч од програмата, со почеток во 11:00 часот.
Челинџерот во Палермо е од категоријата 50 и се игра за награден фонд од 56.700 евра.