Поранешниот шампион Форца со големи амбиции влегува во новата сезона во Првата македонска футсал лига. По две последователни шампионски титули во сезоните 2023/24 и 2024/25, како и две учества во УЕФА Лигата на шампионите, клубот повторно поставува високи цели.
Минатата сезона Форца не успеа да ја одбрани шампионската титула, но во клубот веруваат дека новата сезона носи можност за враќање на шампионскиот трон. Амбициите се јасни – освојување на првенството и Купот, а со тоа и повторно обезбедување пласман во УЕФА Лигата на шампионите.
За остварување на целите, тимот е засилен со неколку нови имиња. Нови играчи во составот се Агим Рамадани, Никола Стојановски, Виктор Димков и Хамид Неџипи, додека во екипата се враќаат Таулант Исмаили, Иван Крстевски и Иван Стојановски.
Од минатогодишниот состав продолжуваат Јасир Зекири, Хакиф Исаку, Берат Рамадани, Зоран Левески, Иљаз Цилафи, Андреј Димиќ и Хасан Билали, со што Форца задржува значаен дел од тимот, но истовремено добива дополнителна конкуренција и квалитет во ростерот.
Во новата сезона клубот нема да смета на Артан Јунуѕи, Сами Алили и Руфат Цилафи, со кои е прекината соработката. Од Форца им се заблагодарија за придонесот во клубот и им посакаа многу успех во продолжението на нивните кариери.
Форца сезоната во Првата футсал лига ќе ја отвори со интересен дуел против Шкупи, во пресметка на два поранешни шампиони на Македонија. Уште на стартот следува сериозен предизвик за составот кој има јасна намера новата сезона да ја започне во шампионски ритам.