Женската ракометна репрезентација на Македонија со победа го заврши настапот на „Трофеј Македонија“, откако во последниот натпревар во Охрид ја совлада Хрватска со 25-22.
Избраничките на Игор Марковиќ одлично го отворија дуелот и уште во раната фаза создадоа убедлива предност од 5-1. Драгана Петковска беше одлична на голот, додека Катерина Дамјаноска предводеше во нападот, па Македонија во неколку наврати имаше и плус пет.
Хрватска до паузата успеа да ја намали негативата, но нашата селекција на одмор замина со 14-9.

Во второто полувреме следуваше тежок период за Македонија. Хрватките ја зацврстија одбраната, а домашниот состав цели седум минути не успеа да постигне гол. Хрватска постепено ја топеше предноста и во финишот стигна до израмнување од 19-19.
Сепак, Македонија не дозволи целосен пресврт. Со серија во завршницата повторно создаде предност и влезе во последните минути со 22-19, по што искусно го приведе натпреварот до крај за конечни 25-22.
Сара Ристовска повторно беше најдобар стрелец во македонскиот состав со шест гола, додека Дамјановска и Кипријановска постигнаа по четири.

Со двете победи и еден пораз, Македонија го освои второто место на турнирот. Трофејот замина кај Црна Гора, која во драматичен натпревар ја совлада Србија со 20-19. Хрватска заврши трета, а Србија четврта.
На турнирот беа доделени и индивидуални признанија. Сара Ристовска е прогласена за најдобар стрелец со 22 гола на трите натпревари, додека за МВП е избрана Црногорката Ивана Савиќ. Признанието за најдобар голман го доби Хрватката Луција Бешен.
