А репрезентацијата на Македонија продолжува со подготовките за последните два натпревари од групната фаза во Лигата на нации. Избраниците на селекторот Гоце Седлоски ги очекуваат гостувањето против Шкотска во Глазгов и дуелот со Словенија на домашен терен.
Очекувањата пред завршните предизвици ги сподели и напаѓачот на Шкендија, Марко Ѓорѓиевски, кој се надева дека ќе го забележи своето деби во националниот дрес и со својот придонес ќе помогне репрезентацијата да се врати на посакуваното ниво.
„Се надевам дека доколку добијам шанса на натпреварите, ќе имам свој придонес и дека ќе почнеме да се движиме во нагорна линија, онака како што заслужува оваа репрезентација. Во секоја репрезентација и во секој клуб доаѓа до одреден период на криза, но мислам дека е време да излеземе од неа и се надевам дека се ќе биде како што треба“, истакна Ѓорѓиевски
Напаѓачот во националниот тим смета дека искуството и натпреварувачката форма на поискусните фудбалери можат да бидат значаен фактор во претстојните дуели. Верува дека Македонија има квалитет да му се спротивстави на силниот противник и да стигне до позитивен резултат во Глазгов.
„Поискусните фудбалери во репрезентацијата веќе се во натпреварувачка форма и мислам дека тоа ќе се покаже на натпреварите против Шкотска и Словенија. Верувам дека селекторот ќе најде начин како да се поставиме и да одиграме одличен натпревар, да и се спротивставиме на Шкотска и да оствариме позитивен резултат“, додаде Ѓорѓиевски.