Женската сениорска репрезентација на Македонија со пораз го започна настапот во претквалификациите за Евробаскетот 2029. На гостувањето во Букурешт, нашите кошаркарки загубија од Романија со 73:52, но со значително подобро издание во второто полувреме покажаа дека имаат потенцијал за следните предизвици.
Романската селекција имаше целосна контрола во првите 20 минути. Домашните кошаркарки ја искористија својата предност и на полувремето заминаа со убедливо водство од 45:18, со што направија голема разлика.
Сепак, по паузата следуваше поинаква слика на паркетот. Македонија одигра одлична трета четвртина, во која беше значително подобар противник и ја доби со убедливи 21:10. Избраничките на селекторот Виктор Петровски заиграа со поголема самодоверба и енергија, успевајќи значително да ја намалат негативата.
Најискусните кошаркарки во подмладениот состав, Цветанка Димова и Адамовска, го презедоа одговорот и реализираа најголем дел од поените во овој период. Македонија покажа карактер и дека може рамноправно да се носи со поквалитетен противник кога ќе успее да ја наметне својата игра.
Романките последната четвртина ја отворија со серија од 7:0, но нашите кошаркарки повторно не се предадоа. Успеаја да одговорат и да стигнат до 46:62, потврдувајќи дека доброто издание по паузата не било случајност.
Македонскиот состав веројатно можеше да остави уште подобар впечаток доколку на четири минути пред крајот не се повредеше Адамовска, една од најдобрите поединки во нашите редови на ова гостување.
Цветанка Димова го заврши натпреварот со 11 поени, пет асистенции и два скока. Адамовска запиша 10 поени, шест асистенции и пет скока, додека Петрушевска придонесе со девет поени и три скока. Ана Милованова додаде седум поени, три скока и две асистенции.
За македонската селекција нема многу време за одмор. Веќе во сабота, со почеток од 18 часот, во спортскиот центар „Џексон“ во Штип, следува вториот натпревар од групата „Ц“, против репрезентацијата на Естонија.