Новоформираниот ракометен клуб Феникс од Радовиш во недела ќе го одигра првиот официјален натпревар откако клубот започна со работа пред околу седум месеци.
Младите ракометари на Феникс ќе дебитираат во Пионерската ракометна лига, а првиот противник ќе биде екипата на Младост од Богданци. Натпреварот ќе се одигра во спортската сала „25 Мај“ во Радовиш, што дополнително му дава посебно значење на дебито на младите ракометари.
Средбата е закажана за недела од 12:00 часот, а од клубот ги повикуваат љубителите на ракометот од Радовиш да дојдат и да им дадат поддршка на најмладите во нивниот прв официјален настап.
По повеќемесечна работа, тренинзи и подготовка, за Феникс конечно доаѓа моментот за првиот натпревар на официјалната сцена. Дебито пред домашна публика ќе биде можност младите ракометари да го почувствуваат натпреварувачкиот дух и да го направат првиот чекор во својата ракометна приказна.
Развојот на клубот оди во нагорна линија, бидејќи клубот покрај во Радовиш работи и во општина Конче.
Феникс – Младост Богданци, недела, 12:00 часот, спортска сала „25 Мај“, Радовиш.