Глазгов полека се обојува во црвено-жолто пред утрешниот фудбалски натпревар меѓу Шкотска и Македонија, кој ќе се одигра на легендарниот „Хампден парк“, со почеток во 20:45 часот по македонско време. Македонските навивачи веќе пристигнуваат во шкотскиот град, а најавен е и заеднички собир пред натпреварот.
Меѓу првите кои пристигнаа во Глазгов е и еден од најверните македонски навивачи, Горан Кипријановски, меѓу навивачите попознат како Кипре.
Кипријановски е добро познат по својата посветеност на македонскиот спорт. Тој ги следи настапите на нашите репрезентации во различни спортови, а долгите патувања не претставуваат пречка кога станува збор за поддршка на Македонија.
И овојпат Кипре го помина долгиот пат до Шкотска, каде што утре ќе биде дел од македонските навивачи на трибините на „Хампден парк“. Со својата љубов кон националните селекции и постојаната поддршка, тој претставува вистински спортски амбасадор на Македонија.

Во Глазгов пристигна и Јованка Јовчева, која допатува директно од англискиот град Свиндон (Swindon), со единствена цел – да ја бодри македонската фудбалска репрезентација.
Нејзиното присуство е уште една потврда дека македонските навивачи, без разлика каде живеат, наоѓаат начин да бидат покрај својата репрезентација на важните меѓународни натпревари.
Македонски собир во центарот на Глазгов – заедничко загревање пред натпреварот
До редакцијата на Спортска Мрежа пристигна и најава за организиран собир на македонските навивачи во Глазгов, кој ќе се одржи утре, петок, 13 ноември, со почеток во 12:00 часот по локално време.
Местото на собирање е угостителскиот објект „The Counting House“, на адреса 2 St Vincent Place, Glasgow G1 2DH, Scotland.
Организаторите ги повикуваат сите Македонци кои веќе се во Глазгов, како и оние што допрва ќе пристигнат, да се соберат на едно место, да се запознаат, да се дружат и заеднички да создадат вистинска македонска навивачка атмосфера.

Под мотото „Сите заедно, со едно срце, за една Македонија!“, се очекува македонските знамиња и навивачките песни да бидат дел од загревањето пред натпреварот.
Почетокот на средбата е во 19:45 часот по локално време во Шкотска, односно 20:45 часот по македонско време.