Македонскиот стратег Горан Кузманоски стигна до првата победа во кипарскиот шампионат со Строволу, откако неговиот тим одигра убедлив натпревар и го совлада Аполон Лимасол со високи 43-26.
По ремито на гостувањето кај актуелниот шампион Анортозис Фамагуста, составот предводен од Кузманоски конечно ги освои првите бодови. Домашниот тим уште во првиот дел ја најави убедливата завршница, па на паузата замина со предност од шест погодоци (20-14).
Во продолжението Строволу дополнително ја зголеми разликата и стигна до двоцифрена победа, потврдувајќи ја својата надмоќ во дуелот со Аполон. Најрасположен во победничкиот состав беше Христос Царциос со осум гола, додека Дарио Рагуж придонесе со седум погодоци.

Строволу, кој од ова лето е под водство на македонскиот тренер, се врати во најсилната кипарска конкуренција и не крие дека има високи амбиции. Првиот триумф е важен чекор за екипата на Кузманоски, која ќе се обиде да продолжи во ист ритам и во следните предизвици.