По возбудливиот старт на сезоната и ремито против Еурофарм Пелистер, ГРК Охрид го очекува нов предизвик во Супер лигата, и тоа во натпревар кој секогаш носи посебна тежина. Денес, во „Билјанини Извори“ следува Езерското дерби против Струга, која во новата сезона настапува со значително изменет состав и искусни ракометари.

Од охридскиот табор се свесни дека ваквите натпревари носат дополнителен мотив и кај играчите и кај навивачите, а голманот на Охрид, Даниел Ѓорѓески го најави мечот за Спортска Мрежа. Тој очекува токму максималниот пристап да биде клучот за освојување на бодовите.
„Вечерва нè очекува Езерското дерби со Струга, која оваа сезона има нов тим составен од искусни играчи. Езерското дерби секогаш носи посебна мотивација- како на терен, така и на трибини. Ние сме фаворити на овој натпревар, играме на домашен терен и мислам дека со максимален пристап и борбеност ќе успееме да ги освоиме двата бода во Езерското дерби.“- изјави Ѓорѓески за Спортска Мрежа.

Охрид, во дуелот влегува како фаворит и ќе ја има поддршката од домашната публика, но Ѓорѓески потенцира дека фаворитската улога мора да се оправда со игра и борбеност на теренот. Целта на „гладијаторите“ е јасна – прва победа во новата сезона и славје во Езерското дерби.
Со новиот состав на Струга и дополнителната мотивација која секогаш ја носи оваа пресметка, во „Билјанини Извори“ се очекува уште еден интересен и борбен натпревар. Охриѓани ќе атакуваат на првата победа, пред своите навивачи и со јасна цел – двата бода да останат во Охрид.
