Средбата со поранешниот клуб секогаш носи посебни емоции, а за Владимир Боjаниќ гостувањето во Охрид беше прилика повторно да се врати во салата во која поминал значаен дел од својата ракометна кариера. Овојпат, сепак, на спротивната страна од теренот, во дресот на Младост Богданци.
Иако неговиот тим загуби со 24-20, во изјава за Спортска Мрежа, Боjаниќ смета дека Младост одиграл квалитетен натпревар и покажал добар отпор против фаворизираниот домаќин. Според него, долгото патување не било пречка за добра партија, а голманите на гостинскиот состав го задржале посакуваното ниво.
„Вечерва, навистина одигравме перфектен меч, по толку долго патување. Сметам дека нашите голмани беа одлични, на своето ниво. Искрено, малку ми беше чудно по четири години поминати во Охрид, да се загревам на спротивната страна, но тоа е животот. Животот продолжува, такви промени се случуваат. Беше чудно, но ми е навистина мило што повторно сум овде, во оваа сала. Генерално, ми е мило што останав во Македонија, а особено сум среќен што повторно сум во оваа сала. Тука ме влечат само убави спомени.“- изјави Бојаниќ за Спортска Мрежа.
Тој не го криеше задоволството од повторното доаѓање во Охрид, а неговите зборови потврдуваат дека спомените од периодот поминат во клубот сè уште се живи. Иако овојпат бодовите останаа во „Билјанини Извори“, гостувањето имаше и поинаква димензија за ракометарот на Младост, кој повторно беше дел од атмосферата во салата што добро ја познава.