Европската приказна на ГРК Охрид продолжува, а следната пречка на патот кон нов успех во ЕХФ Европскиот Куп ќе биде литванскиот претставник Драгунас Клаипеда. „Гладијаторите“ ги очекуваат два последователни европски дуели, кои ќе имаат посебна тежина и поради тоа што двата ќе се одиграат пред домашната публика.
Охриѓани ќе ја искористат предноста на домашниот терен на 21 и 22 ноември, кога во салата „Билјанини Извори“ ќе ги пречекаат Литванците. Двата натпревари се закажани со почеток во 18:00 часот, а целта е со поддршка од трибините да се направи важен чекор кон пласман во следната фаза од натпреварувањето.
Клубот ги објави и деталите за продажбата на билетите. Влезниците ќе се продаваат исклучиво на билетарницата при СРЦ „Билјанини Извори“, по цена од 200 денари за еден натпревар, додека блок-картата за двата европски дуели ќе чини 300 денари.
Продажбата ќе започне во вторник, 17 ноември, кога од 09:00 до 12:00 часот можност да обезбедат билети ќе имаат исклучиво имателите на сезонски билети. Генералната продажба за сите навивачи започнува во среда, а билетарницата ќе работи секој ден од 17:00 до 20:00 часот.
Охрид повторно ќе има можност да ја покаже својата европска ракометна атмосфера. „Гладијаторите“ ќе имаат потреба од силна поддршка во двата натпревари, а пораката до навивачите е јасна – трибините да бидат исполнети и „Билјанини Извори“ повторно да биде вистинска ракометна тврдина.