Вардар 1961 продолжува да го гради тимот за иднината, а еден од важните потези во таа насока е договореното продолжување на соработката со полскиот голман Милош Валах. Чуварот на мрежата и во следните сезони ќе биде дел од скопскиот клуб, откако стави потпис на нов договор со важност најмалку до 2028 година.
Валах се пресели во Скопје од полски Киелце и брзо се адаптираше на новата средина, станувајќи една од клучните фигури во составот. Со сигурните интервенции и континуитетот во настапите, полскиот репрезентативец се избори за позицијата прв голман и се наметна како значајна алка во играта на „црвено-црните“.

Неговото останување е позитивна вест за Вардар, кој на тој начин ја задржува стабилноста на една од најважните позиции во екипата. Продолжувањето на договорот воедно претставува потврда за довербата во квалитетите на голманот, кој во изминатите две години имаше значаен придонес во настапите на скопскиот тим.