По пет години пауза, Вардар повторно се враќа во Лигата на шампионите, а првата задача ќе биде гостувањето кај германскиот Мелсунген. „Црвено-црните“ во Касел ќе имаат исклучително тежок тест на стартот од европската сезона, против состав кој добро го познаваат од минатата сезона, но сега во натпреварување со далеку поголема тежина.
Капитенот и голман на Вардар, Васил Гогов, смета дека тимот има квалитет и потенцијал, но истовремено е свесен дека враќањето во елитното европско натпреварување носи сериозен предизвик. Тој посочи дека Мелсунген е добро познат противник, но дека претходните меѓусебни дуели не треба да создаваат лажна слика пред новата пресметка.
„Ни следува првиот натпревар во Лигата на шампионите. По пет години повторно се враќаме во ова натпреварување. Нè очекува многу тежок и квалитетен противник, кој располага со голем број квалитетни ракометари. Можам да кажам дека добро се познаваме, бидејќи во изминатите две години се сретнавме неколку пати. Претходните натпревари беа во Европската лига, а сега играме во Лигата на шампионите. Можам да кажам дека ова е едно ниво погоре. Точно е дека ги победивме и на домашен и на гостински терен, но не можам да кажам дека тоа беа лесни победи. Тогаш тие настапија со скратен состав и имаа проблеми со повредени и болни ракометари.“

Голманот и капитен се осврна и на проблемите со кои Вардар се соочуваше во подготовките. Ограничувањата во домашното првенство, како и повредите и болестите, не му дозволија на тимот да биде постојано во комплетен состав, што влијаеше и врз можноста да се воигра екипата.
„Во македонското првенство има ограничување на бројот на странски ракометари, па не можеме да настапиме со комплетен состав и со сите играчи. Во текот на пријателските натпревари и турнири имавме проблеми со болести и повреди. Поради тоа, не успеавме да се комплетираме и да го покажеме сето она што го работиме на тренинзите.“
И покрај тоа, Гогов верува дека потенцијалот на екипата е голем. Сепак, според него, Вардар сè уште има простор за напредок, а за вистинско вклопување на сите сегменти ќе биде потребно време и дополнителна работа.
„Секако, имаме уште многу работа за да бидеме на сто проценти. Не успеавме да одработиме доволен број заеднички тренинзи. Овој тим има голем потенцијал, но мора уште многу да работиме и секој од нас да го даде својот максимум.“

Пред стартот во ЛШ, капитенот на Вардар внимателно ја анализираше и најголемата опасност која доаѓа од германскиот состав. Мелсунген има широк избор на квалитетни играчи и може да биде опасен од различни позиции, а Гогов посебно ја издвојува левата бековска позиција.
„Мелсунген има многу квалитетни ракометари и широк ростер. Опасни се и од девет и од шест метри. Доколку треба да издвојам од каде доаѓа најголемата опасност, тоа е од левата бековска позиција“, изјави Гогов.
Вардар, по петгодишното отсуство, повторно ќе ја почувствува атмосферата на Лигата на шампионите. Мелсунген е тежок противник за европската премиера, но токму ваквите натпревари ќе бидат вистински тест за потенцијалот на новиот вардаров состав и неговата подготвеност за највисокото европско ниво.