Општина Ѓорче Петров претстојниот викенд ќе биде во знакот на женскиот ракомет, со одржувањето на спортската манифестација „Денови на женскиот ракомет“, посветена на младите ракометарки, спортот и богатата традиција на ЖРК Ѓорче Петров и општината.
Манифестацијата ќе се одржи во сабота и недела, 12 и 13 септември, со почеток во 11:00 часот, а организаторите подготвија програма исполнета со спорт, дружење и активности за најмладите.
Во рамки на двата дена ќе се одржат повеќе ракометни натпревари, активности наменети за најмладите, како и дружење со ракометни легенди и гости. Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со дел од богатата историја на женскиот ракомет во Ѓорче Петров и да разменат искуства со поранешни и актуелни ракометни имиња.
Посебно внимание ќе привлече можноста за фотографирање со шампионките и победничкиот пехар, со што најмладите љубители на ракометот ќе можат одблизу да почувствуваат дел од шампионската атмосфера.

Кулминацијата на манифестацијата ќе биде во недела од 20:00 часот, кога е предвиден голем музички концерт на кој ќе настапат македонски музички ѕвезди. Со тоа спортската програма ќе добие и забавна завршница, отворена за сите граѓани.
Ѓорче Петров има посебно место во историјата на македонскиот женски ракомет, па токму затоа целта на организаторите е „Денови на женскиот ракомет“ да прераснат во традиционална годишна манифестација на која ќе се слават спортот, женскиот ракомет и младите таленти.
Од ЖРК Ѓорче Петров нагласуваат дека ова не е само спортски настан, туку и порака дека вложувањето во младите и спортот е вложување во иднината. Преку ваквите активности, девојчињата се охрабруваат активно да се вклучат во ракометот, да спортуваат, да се дружат и да стекнуваат нови искуства.
Организаторите ги повикуваат љубителите на спортот, родителите, младите и сите граѓани на Ѓорче Петров да бидат дел од оваа спортска приказна и заедно да придонесат манифестацијата да стане традиција.