ГРК Охрид ја продолжува успешната приказна со Борис Ројевиќ на кормилото. Српскиот стратег го продолжи договорот со „гладијаторите“ до 2029 година, со што клубот јасно потврди дека најголемите амбиции остануваат и во наредниот период.
Ројевиќ е човекот кој го предводеше Охрид до најголемиот успех во клупската историја – освојувањето на европскиот трофеј. Под негово водство „гладијаторите“ прераснаа во сериозен фактор на македонската и европската ракометна сцена, а со продолжувањето на соработката клубот сака тој проект да добие уште поголем замав.

Од охридскиот клуб порачаа дека европскиот трофеј не го гледаат како врв на приказната, туку како дополнителен мотив за нови успеси. Следната цел е уште поголема – борба за шампионската титула и искачување на Охрид на самиот врв на македонскиот ракомет.

Во меѓувреме, Ројевиќ веќе стана препознатлив дел од охридската ракометна приказна. Градот, атмосферата, полните трибини и поддршката од навивачите создадоа посебна врска, која сега ќе продолжи најмалку до 2029 година.
Ројевиќ останува на клупата, а Охрид продолжува да сонува големи работи – овојпат со уште повисоки цели.
