Охрид по истиот рецепт како минатото лето го отвори подготвителниот период – со два освоени трофеи, откако „гладијаторите“ најпрво триумфираа на Струшкиот турнир против Вардар, а потоа го освоија и турнирот ,,Крсте Андоновски”, повторно против македонскиот шампион.

Новото засилување во редовите на Охрид, македонскиот долгогодишен репрезентативец- Филип Талески, беше дел од двете финални пресметки, а по успешниот старт, во разговор за Спортска Мрежа, зборуваше за подготовките, очекувањата и амбициите пред новата сезона.
Две финалиња, два трофеи
Талески смета дека двата финални натпревари со Вардар се дел од процесот на подготовка, во кој двата тима сè уште ги бараат најдобрите решенија и комбинираат состави. И покрај грешките карактеристични за овој период, Охрид успеа да ги добие двете пресметки и да освои два трофеи.
„Две финалиња против Вардар- сепак ова е почеток на сезона, сè уште се подготовки. И двете екипи комбинираат состав, се испробуваат многу играчи, многу тактики, многу акции… да видиме што е најдобро и за нас, а и со што може да ги изненадиме противниците. Во овие две финалиња испадна да бидеме подобри од екипата на Вардар, ги освоивме двата трофеи на двата турнири во недела дена. Малку ритамот е тежок, меѓутоа собиравме сили да дадеме максимум на сите натпревари. Имаше грешки, што е и нормално за почеток, меѓутоа треба да ги поправаме. Сега имаме едно патување на два регионални натпревари, па ни следува Суперкупот со Вардар. Имаме доста време и период да се подготвиме, да ги поправиме овие грешки што ги правевме во двете финалиња за да може да го дочекаме тој Суперкуп подготвени и да не ги повторуваме тие грешки. Тој меч ќе биде со поинакво значење бидејќи се работи за прв трофеј на македонската лига, Суперкупот, така да останува периодов да ги санираме сите грешки за да ја дочекаме новата сезона максимално подготвени.“

Ланскиот успех на Охрид- притисок или дополнителна мотивација?
Како нов играч во Охрид, Талески доаѓа во тим кој зад себе има одлична, историска сезона и освоен ЕХФ Куп, а самиот долго ќе го памети финалниот меч, бидејќи минатата година беше на спротивната страна во финалето на ЕХФ Купот. Тој признава дека успехот на клубот носи одреден притисок, но смета дека истиот може да биде претворен во дополнителна позитивна енергија.
„Па искрено, јас во тоа финале тука со Татабања уживав, посебно на реваншот тука, во Охрид каде што публиката беше осми играч за Охрид и луѓето покажаа колку го сакаат тимот, колку ја сакаат екипата. Тоа што го прави градоначалникот и самиот врв на клубот е една убава приказна за градот, за клубот. А за мене… па реално е притисок, меѓутоа тој притисок треба да го претвориме во позитивна енергија, поради тоа што мислам дека и оваа година имаме доста квалитетна екипа и може, исто така, да постигнеме доста добри резултати.“

Амбиции за сезоната
Талески не крие дека амбициите на Охрид се високи. Покрај одбраната на европскиот трофеј, новото засилување посакува тимот да се вмеша и во борбата за шампионската титула, верувајќи дека широкиот ростер ќе овозможи доволно ротација во долгата сезона.
„Целите се да бидеме подобри од минатата година. Играме повторно ЕХФ Куп, да го освоиме повторно ни е една од целите, па и да… зошто да не атакуваме и на македонското првенство, на титула. Долга е сезоната, имаме добар ростер, имаме на секоја позиција доволно играчи. Ќе имаме доволно ротација и ќе може да бидеме свежи на секоја утакмица, така што се надевам во мај, почеток на јуни ќе знаеме и ќе се радуваме сите со позитивни резултати.“- вели Талески за Спортска Мрежа.
Со два освоени трофеи во подготовките, Талески и Охрид испратија јасна порака дека и во новата сезона влегуваат со високи амбиции. Следниот период ќе биде искористен за корекција на грешките и дополнително воигрување пред официјалниот старт.

