Магазин

10 години Спортска Мрежа – една деценија посветена на македонскиот спорт, со вредни награди за нашите читатели!

Сподели
Сподели



На 26 јули 2026 година, Спортска Мрежа одбележува голем јубилеј – 10 години постоење. Точно пред една деценија, на 26 јули 2016 година, започнавме со работа на социјалните мрежи Facebook и Instagram, а подоцна и на тогашниот Twitter, денес познат како X, со една единствена цел – македонскиот спорт да го добие медиумскиот простор што го заслужува.

Уште од првиот ден се определивме целосно да бидеме посветени на македонскиот спорт. Додека поголемиот дел од медиумите акцентот го ставаа на странскиот спорт, ние одлучивме да им дадеме простор на домашните клубови, спортисти и натпреварувања. Верувавме дека Македонија има доволно спортски приказни кои заслужуваат да бидат раскажани.

Спортска Мрежа беше првиот медиум кој темелно и континуирано започна да известува не само за Првата и Втората македонска фудбалска лига, туку и за Третата лига и општинскиот фудбал. Со изјави, анализи, статистики, комплетни извештаи, прегледи на кола, табели и листи на стрелци, овие натпреварувања за првпат добија вистинска медиумска видливост.

Името „Спортска Мрежа“ произлезе од едноставна, но силна идеја. Мрежата е составен дел од речиси секој спорт – фудбал, кошарка, одбојка, тенис, ракомет – а нашата „спортска мрежа“ симболично ги обединува сите спортови на едно место, со главен фокус на македонскиот спорт и македонските спортисти, без разлика дали настапуваат дома или во странство.



Во текот на изминатите десет години, Спортска Мрежа беше медиумски партнер и поддршка на голем број спортски настани. За првпат обезбедивме сериозна медиумска застапеност на турнирите во мал фудбал, реализирајќи бројни директни преноси. Известувавме од финалиња на Купот на Македонија во фудбал, ракомет и одбојка, од Суперкупот во ракомет, како и од бројни европски натпревари во фудбал, ракомет и одбојка. Истовремено, бевме присутни и во многу други спортови – карате, борење, бразилско џиу-џицу (BJJ) и многу други дисциплини, следејќи ги успесите на македонските спортисти.

Голем исчекор направивме и на полето на спортските преноси. На 18 јули годинава, успешно го реализиравме нашиот прв професионален директен пренос на YouTube каналот на Спортска Мрежа, од пријателскиот натпревар меѓу второлигашите Охрид и Новаци, со продукција од три камери, телевизиска графика и спортски коментатор, заедно со нашиот соработник Александар, кој е „виновник“ за целата реализација на преносот и за сите случувања позади камерите.

Денес, Спортска Мрежа располага со технички капацитет за реализација на директни преноси со до пет камери, комплетна режија, телевизиска графика и спортски коментатори, овозможувајќи професионално покривање на спортски настани од секаков карактер.

Спортска Мрежа започна како идеја на Александар Ванев, спортски новинар специјализиран исклучиво за македонскиот спорт. Она што во 2016 година беше проект на еден човек, денес е мала, но посветена редакција која секојдневно известува од спортските терени низ целата држава.



Денес дел од редакцијата се Сања Секулоска, Виолета Јанчева, Гордана Кочева, која известува за женскиот фудбал, Бурхан Муслиу, задолжен за полошкиот регион, како и Сашко Петров, чиј фотоапарат овековечи безброј спортски моменти. Голема благодарност упатуваме и до Илхан Османи кој со неговите фотографии ја долови атмосферата од многу спортски натпревари од Македонија, како и до сите останати соработници, спонзори, партнери и пријатели кои беа дел од оваа приказна.

Секулоска е специјализирана за ракомет, која во сезоната која измина беше таа која ги долови сите случувања од спортските ракометни терени, а пред се со ексклузивни изјави и интервјуа од европските натпревари на Охрид, за што темелно продолжуваме и во новата сезона, каде ексклузивно на Спортска Мрежа ќе читате многу подетално за македонскиот ракомет.



По десет години работа, Спортска Мрежа продолжува со уште поголеми амбиции. По 15 септември започнуваме со реализација на нови проекти, меѓу кои и неделна спортска емисија секоја среда со преглед на колото, анализи, статистики и коментари, како и специјална емисија посветена на македонските спортски легенди и нивниот пат до успехот. Воедно, започнуваме и соработка со спортски стручњаци кои ќе ги анализираат натпреварите од Првата и Втората македонска фудбалска лига, а во подготовка се и многу други содржини.



  • Вредни награди по повод 10 години Спортска Мрежа

Во чест на големиот јубилеј, Спортска Мрежа организира голем GIVEAWAY, кој ќе трае од 1 до 10 август, симболично десет дена по повод десетгодишнината.

Ќе бидат доделени 10 вредни награди, меѓу кои:

🏖️ Викенд за двајца во Трпејца, Охрид
🍽️ Ваучери за Охрид
🎁 И уште неколку изненадувања кои ќе бидат откриени во наредните денови.

Следете ги нашите социјални мрежи, бидејќи наскоро ќе ги објавиме правилата и сите детали за учество.

Ви благодариме за довербата, поддршката и заедничките десет години. Продолжуваме уште посилно – затоа што македонскиот спорт го заслужува најдоброто.



Сподели

Не пропуштајте

Останато

Пелистер Волеј ја задржа својата надеж – Мила Андоновска останува во Битола

Женскиот одбојкарски клуб Пелистер Волеј продолжува да го гради тимот за новата натпреварувачка сезона, а раководството обезбеди продолжување на соработката со младата одбојкарка...

Турнири

Ораовица 2026: Почнува осминафиналето – секој пораз значи крај на турнирот!

Турнирот во мал фудбал „Ораовица 2026“, кој традиционално се одржува во радовишкото село Ораовица, влегува во највозбудливата фаза. Вечерва стартува осминафиналето, каде што...

Поврзани написи
ИнтервјуМагазинРакомет

Ориол Реј Моралес: „Охрид секогаш ќе биде во моето срце!“

Шпанскиот дефанзивец- Ориол Реј Моралес ја заврши својата успешна епизода во ГРК...

ИнтервјуМагазинФудбал

ИНТЕРВЈУ | Александар Стојанов: Македонскиот фудбал ќе добие на квалитет, но мора да бидеме трпеливи

Александар Стојанов е 41-годишен македонски фудбалски стратег и еден од тренерите кои...

error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!