ИнтервјуИнтернационалциМагазинФудбал

ИНТЕРВЈУ | Иван Николоски: Победа заслужува многу повеќе, од срце посакувам повторно да се врати таму каде што ѝ е местото

Сподели
Сподели



Македонскиот голман Иван Николоски веќе втора сезона успешно ја гради својата интернационална кариера во Италија, каде што настапува за Јоника (Jonica FC) од Санта Тереза ди Рива, Сицилија, клуб кој се натпреварува во регионалната лига Ечеленца (Eccellenza) и е препознатлив по жолто-црвените бои.

23-годишниот прилепчанец потекнува од Победа, а низ својата кариера беше дел од Брегалница, Работнички, Дрита Боговиње, Велазерими, Беласица, Силекс, Воска Спорт, Саса, Струга Трим Лум, како и албански Поградец, пред да се пресели во Италија.

Во интервју за Спортска Мрежа, Николоски зборува за сезоната зад себе, разликите меѓу македонскиот и италијанскиот фудбал, амбициите со Јоника, семејната традиција на голманската позиција, но и за Победа, клубот кој има посебно место во неговото срце.

  • Каква сезона имаше зад себе во италијанскиот фудбал? Колку си задоволен од сезоната што измина?

„Зад мене е една добра и многу поучна сезона. Како голман секогаш се трудам да напредувам од натпревар во натпревар и мислам дека оваа година стекнав многу искуство, и на теренот и надвор од него. Секако, останува жал што не успеавме да избориме пласман во повисок ранг. Загубивме на пенали во најважниот момент од сезоната и тоа беше навистина тежок пораз, бидејќи сите работевме напорно за таа цел. Но, фудбалот е таков – понекогаш одлучуваат детали. И покрај тоа, сум задоволен од моите настапи и од напредокот што го направив. Следната сезона нашата единствена цел е да го оствариме тоа што ни избега оваа година и да обезбедиме пласман во повисока лига.“

  • Ако направиш споредба, кои се најголемите разлики меѓу фудбалот во Македонија и Италија?

„Има голема разлика, особено во тактичкиот дел. Во Италија многу повеќе внимание се посветува на дисциплината, организацијата и позиционирањето на теренот. Секој играч точно знае што треба да прави во секој момент од натпреварот. Во дефанзивата речиси и да нема простор за грешки – секое движење е координирано и се работи многу на деталите.“



  • Остануваш и следната сезона во Италија. Какви се очекувањата и целите?

„Да, останувам и следната сезона во Италија. Среќен сум што ќе продолжам во средина каде што имам можност секојдневно да се развивам како голман. Минатата сезона ни покажа дека сме блиску до целта, но и дека мора уште повеќе да работиме.

Очекувањата се големи, како од мене лично, така и од целиот тим. Нашата главна цел е да избориме пласман во повисока лига. Верувам дека со напорна работа, дисциплина и добра атмосфера во екипата можеме да го оствариме тоа. Од моја страна ќе дадам сe од себе да помогнам клубот да ги исполни своите амбиции.“

  • По стапките на својот татко Јане Николоски ја продолжуваш голманската традиција. Колку ти значи тоа?

„Тоа е огромна чест и гордост за мене. Татко ми отсекогаш бил мојот најголем идол, не само како голман, туку и како човек. Од најмала возраст растев гледајќи го неговиот однос кон спортот, дисциплината и посветеноста, и токму тие вредности се обидувам и јас да ги следам.

Да се продолжи традицијата што ја започнал тој е нешто што многу ми значи. Секогаш ми дава совети и неговото искуство ми е од огромна помош. Горд сум што го носам неговото презиме и се надевам дека со мојата работа и успеси ќе продолжам да ја претставувам нашата фамилија на најдобар можен начин.“



  • Како изгледа твоето слободно време? Кој ти беше омилен голман како дете, а кого најмногу следиш денес?

„Кога немам тренинзи или натпревари, најмногу сакам времето да го поминувам со најблиските. По напорниот ритам на тренинзи и натпревари, тие моменти ми помагаат да се опуштам и да ја наполнам енергијата.

Што се однесува до голманите, како дете најмногу се восхитував на Буфон. Неговите рефлекси, мирнотијата и лидерството на теренот беа нешто што секогаш ме инспирираше. Денес внимателно следам повеќе голмани и се трудам од секој да научам нешто ново, бидејќи сметам дека така најмногу можеш да напредуваш.“

  • Имаш ли ритуал пред секој натпревар?

„Пред секој натпревар сакам да имам мир и целосен фокус. Секогаш се трудам ментално да се подготвам за она што ме очекува на теренот. Слушам музика, размислувам за натпреварот и се обидувам да останам максимално смирен.

Пред да излезам на терен секогаш се прекрстувам и се молам се да помине во најдобар ред, без повреди и со добар настап. Верувам дека психолошката подготовка е исто толку важна како и физичката, особено за еден голман, бидејќи мораш да бидеш концентриран од првата до последната минута.“



  • Кој дел од тренингот најмногу го сакаш? Летни или зимски подготовки? Утрински или попладневен тренинг?

„Најмногу ги сакам специфичните голмански тренинзи, особено вежбите со реакции, игра еден на еден и ситуации кои најмногу личат на натпревар. Тоа е делот каде што чувствувам дека најмногу напредувам и најмногу уживам.

Ако треба да бирам, секогаш би ги избрал зимските подготовки. Иако се многу напорни, сметам дека токму тогаш се создава основата за целата сезона. Во тој период се гради физичката подготвеност, менталната цврстина и тимскиот дух.

Што се однесува до тренинзите, повеќе сакам утрински тренинг. Имам чувство дека тогаш сум најсвеж, најконцентриран и можам да го извлечам максимумот од секој тренинг, а остатокот од денот го користам за одмор и подготовка за следните обврски.“

 

  • Што би избрал – да одбраниш пенал во 90. минута за победа или да имаш 15 спектакуларни одбрани, а тимот да загуби?

„Без размислување – да одбранам пенал во 90. минута и мојот тим да победи со 1:0. На крајот од денот, најважен е тимскиот успех. Секој голман сака да биде херој, но уште повеќе сака неговиот тим да ги освои трите бода. Тоа чувство кога знаеш дека со една одбрана си донел победа за соиграчите, стручниот штаб и навивачите е непроценливо.“



  • Натпревар без интервенција и чиста мрежа или 12 спектакуларни одбрани и признание за играч на натпреварот?

„Би го избрал натпреварот без ниту една интервенција и со чиста мрежа. Тоа значи дека целиот тим одиграл одлично, дека одбраната функционирала беспрекорно и дека сме ја завршиле работата како што треба. За мене, чистата мрежа секогаш ќе биде поважна од индивидуалните признанија.“

  • Да примиш пет гола, но да одбраниш три пенали и да победите, или 0:0 без примен гол?

„Би го избрал првото. Искрено, како голман многу боли кога ќе примиш пет гола, без разлика на околностите. Но, секогаш го ставам интересот на клубот и тимот пред личната статистика. Ако моите три одбранети пенали донеле победа, тогаш тоа е најважното.“

  • Повеќе сакаш да имаш многу работа или мирен натпревар?

„Искрено, би ги избрал тие 20 шута. Како голман сакам да бидам постојано во игра, да чувствувам адреналин и да имам можност да му помогнам на тимот со моите интервенции. Тоа се натпреварите на кои најмногу можеш да го покажеш својот квалитет и карактер.“

  • Омилено јадење и пијалок?

„Омилено јадење ми е чизбургер, а омилен пијалок свежо цеден сок од портокал.“

  • Победа што никогаш нема да ја заборавиш и пораз што најмногу боли?

„Победа која секогаш ќе ја паметам е онаа кога со Победа игравме против Работнички во полуфинале и победивме на пенали. Во истата сезона завршивме со освојување на Купот. Тој натпревар ми донесе огромна самодоверба, а по него добив и повик од Работнички, што беше голема потврда дека мојата работа е препознаена.

Од друга страна, најболниот пораз е баражот против Беласица за пласман во Првата лига. Бевме толку блиску до целта, а на крајот не успеавме. Таквите порази долго остануваат во глава, но истовремено те прават посилен и те мотивираат уште повеќе да работиш.“



  • Кој натпревар секогаш ќе го паметиш?

„Натпреварот за младата репрезентација на Македонија до 21 година против Босна и Херцеговина е еден од оние што никогаш нема да ги заборавам. Настапот за националниот тим секогаш носи посебна тежина и чест.“

  • Кој е најгласен, а кој најтивок во соблекувалната?

„Најгласен дефинитивно е Александар Милушев. Тој секогаш знае да ја крене атмосферата, без разлика дали пред натпревар или после победа.

А најтивок… Искрено, немам таков во мојот круг. Сите сме со слична енергија, секогаш има шеги, дружење и позитивна атмосфера, па тешко е некого да издвојам како најтивок.“

  • Со која песна најчесто славите победа?

„„So Many Times“ е песната што најчесто ја пуштаме кога славиме победа.“



  • Колку те боли тоа што Победа денес е во Третата лига?

„Победа, не го гледам тој клуб само како место каде што сум играл, туку како дел од мојот живот. Пораснав на двесте метри од стадионот и уште од најмала возраст Победа беше дел од моето секојдневие.

Нашето семејство е поврзано со клубот низ три генерации. Дедо ми, татко ми и јас сите сме оставиле свој белег во Победа. Татко ми и дедо ми како играчи и тренери, а јас имав чест да бидам капитен на помладите категории. Токму затоа, кога ќе го видиш клубот со таква традиција да падне во Третата лига, не можеш да останеш рамнодушен.

Победа заслужува многу повеќе. Тој клуб има историја, има навивачи, има душа и има луѓе кои искрено го сакаат. Од срце посакувам што побрзо да се врати таму каде што му е местото, во самиот врв на македонскиот фудбал. Ќе бидам среќен денот кога повторно ќе ја гледам Победа како се натпреварува со најдобрите, затоа што тоа го заслужуваат и клубот и градот Прилеп.“



Сподели
Напишано од
Александар Ванев -

Основач, главен и одговорен уредник на спортскиот веб портал Спортска Мрежа, специјализиран за македонски спорт. Александар Ванев со спортско новинарство започнува на 1. август 2010 година, неговиот најголем проект е Спортска Мрежа, тој е спортски коментатор и во неговата кариера има коментирано натпревари од Втората и Третата фудбалска лига на Македонија, од Првата футсал лига на Македонија, Куп на Македонија, Прва и Втора женска фудбалска лига, како и натпревари од македонскиот ракомет. Ванев е член на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Ванев е спортски новинар посветен на македонскиот спорт, првиот и единствен кој темелно ја работи Третата и Четвртата (општинската лига) во Македонија.

Не пропуштајте

Некатегоризирано

Камлес Градба однесе две високи победи, Капе Верде со висок пораз во Чардаклија

Екипата на Камлес Градба забележа две победи вечерва на Меморијалниот турнир „Влатко Петров“ во Чардаклија, откако на првото меч со 6:4 го доби...

Турнири

Фреигхт Оне во моќно издание на турнирот во Ораовица, Вергови постигна девет гола за убедлива победа

Нови натпревари, нови возбудувања и многу погодоци и вечерва на турнирот во мал фудбал „Ораовица 2026“, а екипата на Фреигхт Оне однесе две...

Поврзани написи
Прва лигаФудбал

Тодоровски: Ова е многу важен триумф за нас, успеавме да ја надиграме Брегалница

Вардар победнички ја отвори новата сезона во која ќе ја брани титулата,...

Втора лигаФудбал

Кожуф минимално го доби Новаци на пријателски меч, Ашовалиев стрелец на погодокот

Второлигашите Кожуф и Новаци одиграа пријателски натпревар кој заврши со минимална победа...

Втора лигаФудбал

Детонит Плачковица се засили со Зоран Андонов и Асан Рифадов

Второлигашот Детонит Плачковица од Радовиш продолжува со екипирање на тимот за новата...

error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!