Голманот Антонио Шемкоски и официјално ќе продолжи да го носи дресот на Кожуф и во новата натпреварувачка сезона. По постигнатиот договор меѓу двете страни, 21-годишниот чувар на мрежата останува дел од второлигашот од Гевгелија.
Шемкоски и во претстојната сезона ќе биде дел од тимот кој ќе се обиде да оствари подобар резултат во Втората македонска фудбалска лига, а неговото останување претставува значаен потег во задржувањето на костурот на екипата. Иако, Шемкоски првично најави заминување, сепак двете страни се договорија да ја продолжат соработката.
Младиот голман во својата кариера, покрај за Кожуф, настапуваше и за Големо Коњари и Победа од Прилеп, стекнувајќи драгоцено искуство уште на почетокот од својата кариера.
Кожуф во текот на вчерашниот ден ги започна подготовки, за што веќе објави Спортска Мрежа.
Во минатата сезона Шемкоски бранеше на 16 натпревари за гевгелискиот состав, а со новиот договор ќе продолжи да биде важен дел од тимот и во сезоната 2026/27.