Општина Чашка доби нова фудбалска академија, која има за цел да им овозможи на најмладите да ги направат своите први фудбалски чекори, да ги развиваат спортските способности и преку редовни тренинзи да стекнуваат нови знаења и вештини.
Станува збор за Фудбалската академија „Јордановски“, која започна со активности под координација на Кристијан Јордановски, со амбиција во наредниот период да прерасне во место каде што ќе се развиваат нови фудбалски таленти од Чашка и околните населени места.
Академијата е наменета за деца од генерациите 2013/2014 до 2021/2022 година, а тренинзите во моментов се одржуваат во спортската сала во населбата Чашка.
Младите фудбалери тренираат двапати неделно, секој вторник и четврток, додека можноста за запишување е отворена и за децата од другите населени места во општината и пошироко.
Целта е најпрво да се создаде добра основа преку редовни тренинзи, а потоа и натпреварувачки активности.
Како што информира координаторот Кристијан Јордановски, во почетната фаза акцентот ќе биде ставен на тренажниот процес, развојот на основните фудбалски вештини и постепеното формирање на генерациите.

Сепак, плановите за иднината се поголеми. Академијата има амбиција да пријави свои екипи за учество во Детската лига на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), со што младите фудбалери би добиле можност своите способности да ги покажат и на официјални натпревари против врсници од други клубови и академии.
Отворањето на Фудбалската академија „Јордановски“ претставува позитивна вест за спортот во општина Чашка, особено за децата кои сакаат активно да се занимаваат со фудбал.
Покрај усвојувањето на фудбалските вештини, ваквите активности придонесуваат и за развивање на тимскиот дух, дисциплината, другарството и здравите животни навики кај најмладите.
Со почетокот на работата на академијата, Чашка добива нова можност за развој на младинскиот фудбал, а во иднина се очекува првите генерации на Академија Јордановски да добијат можност да се претстават на официјални натпревари во рамките на ФФМ и на домашни и меѓународни турнири.