Ударник Пирава успешно ја заокружи сезоната 2025/2026 во Трета македонска фудбалска лига – Исток, оставајќи силен впечаток со своите настапи, организација и атмосферата која владееше на стадионот во Пирава во текот на целата сезона.
Тимот сезоната ја заврши на одличното трето место со учинок од 11 победи, четири нерешени резултати и само три порази, освојувајќи вкупно 37 бодови.
Ударник беше еден од најефикасните тимови во лигата со реализирани 50 погодоци, со што го имаше вториот најдобар напад во шампионатот.
Посебен белег на сезоната остави и атмосферата на домашните натпревари. Стадионот во Пирава речиси секогаш беше исполнет, а фудбалерите имаа голема поддршка од верната публика и навивачката група „Пирати“, која во текот на целата сезона беше вистински ветер во грб на тимот.

Покрај резултатите на теренот, клубот уште еднаш потврди дека важи за еден од најдобро организираните колективи во лигата и одличен домаќин за сите гостински екипи. Теренот во Пирава во текот на целата сезона беше во одлична кондиција и нудеше максимално добри услови за игра.

Кога станува збор за индивидуалниот учинок, најдобри стрелци во редовите на Ударник сезонава беа Марјан Костадинов и Крсте Тодоров со по осум постигнати погодоци. Адријан Спасиќ зад своето име запиша седум реализации, додека пак Илија Баламов и Александар Тенекеџиев постигнаа по пет голови.
Со вакви резултати, организација и поддршка од трибините, Ударник од Пирава уште еднаш потврди дека е еден од најстабилните клубови.