Со завршувањето на сезоната во Прва македонска фудбалска лига познати се и бараж двојките кои ќе решаваат кои екипи следната сезона ќе бидат дел од елитното друштво.
Пелистер и АП Брера Струмица ќе мора преку дополнителен предизвик да го зачуваат прволигашкиот статус. Битолчани во баражот ќе играат против Шкендија Арачиново, додека струмичани за противник го добија Скопје.
Во последното коло од шампионатот, и Пелистер и Брера остварија убедливи настапи и со позитивна атмосфера ќе влезат во најважните натпревари од сезоната.
Пелистер на стадионот „Петар Милошевски“ минимално го совлада Башкими со 1-0. Битолчани уште од стартот наметнаа висок ритам и офанзивна игра, а уште во раната фаза од мечот им беше поништен погодок поради офсајд.
Клучниот момент се случи во 24. минута кога по грешка во гостинската одбрана, Ристовски одлично реагираше и асистираше за Србијанац, кој прецизно стрелаше за водство и, како што се покажа подоцна, конечна победа. Во продолжението Пелистер знаеше како да го контролира резултатот, а преку контранапади создаде уште неколку сериозни можности.
Струмичка Брера, пак, ја одигра можеби најубедливата партија сезонава и со убедливи 6-0 го декласираше Шкупи. Главна фигура на натпреварот беше Никола Величковски кој постигна четири погодоци, додека во листата на стрелци се запишаа и Виктор Велкоски и Филип Михаилов.
Шкупи уште претходно го загуби прволигашкиот статус, а чаирчани зад себе оставија сезона за заборав со само еден освоен бод, што претставува еден од најслабите учиноци во историјата на македонскиот клупски фудбал.
Инаку, нов шампион на Македонија е Вардар, кој по шест години повторно се искачи на тронот и ја освои својата 12-та титула во независна Македонија. „Црвено-црните“ ќе играат во квалификациите за Лигата на шампионите, додека Шкендија и Силекс обезбедија настап во Конференциската лига на УЕФА.
Од следната сезона македонската елита ќе брои десет екипи, а нов член на Првата лига е Брегалница, која ја освои шампионската титула во Втората македонска фудбалска лига.