КК Струмица 2001 е нов член на македонската Супер лига, откако струмичани во решавачкиот трет натпревар од финалната серија ја совладаа екипата на КК Бутел со 81:76 и со вкупни 2-1 во победи ја освоија шампионската титула во Првата македонска лига.
Во салата „Никола Карев“ домашниот состав одигра сигурен и зрело контролиран натпревар, во кој водството беше на нивна страна во текот на сите 40 минути. Струмичани уште во првата четвртина создадоа предност од 22:19, а до полувремето дополнително ја зголемија позитивата на 45:38.
Ниту по паузата Бутел не успеа резултатски да се врати во игра. Струмица 2001 продолжи со добрата реализација, стигна и до двоцифрена предност, а по три четвртини имаше сигурни 69:60.
Гостите во последниот период се обидоа да внесат неизвесност, но домашниот тим не дозволи пресврт и заслужено стигна до победата која носи промоција во елитното друштво за сезоната 2026/27.
Најголем херој во редовите на струмичани беше Димитар Пандев, кој блескаше во најважниот меч од сезоната и постигна 30 поени. Значајна поддршка имаше од Александровски со 17 и Јовановиќ со 11 поени.
Кај Бутел, капитенот Мартиноски реализираше 15 поени, Андоновски додаде 12, додека искусниот Јанески сезоната ја заврши со 10 поени.