Ристо Танев, поранешен фудбалер и денес генерален директор на грчкиот клуб АЕП Поликастро, зад себе има шампионска сезона со својот тим. Легенда на клубот како играч, денес ја продолжува успешната приказна во нова улога, носејќи искуство стекнато и во Кожуф, како и 12-годишна интернационална кариера во Грција, каде беше и првиот Македонец капитен на грчки клуб.
Во разговор за Спортска Мрежа, Танев зборува за доминантната сезона, идните планови, разликите меѓу македонскиот и грчкиот фудбал, како и за предизвиците во управувањето со клуб.
- Зад вас е шампионска сезона без пораз. Колку сте задоволни од постигнатото?
„Годинава одигравме навистина одлична сезона. Самиот податок што на 30 натпревари забележавме 28 победи и две нерешени и без пораз го завршивме шампионатот покажува дека навистина бевме доминантни. Во однос на минатата година тимот претрпе големи измени. За нов шеф на стручниот штаб беше назначен поранешниот грчки репрезентативец Сократис Фитанидис кој си донесе свои луѓе во стручниот штаб, а во клубот донесовме и 14 нови играчи кои се покажаа како вистински засилувања. Значи и спортскиот сектор и делот во и околу клубот и организациски секој беспрекорно си ја заврши својата задача. Чувството да си шампион е нормално прекрасно особено кога претходната сезона го изгубивме шампионатот нечесно на зелена маса“, вели Танев.
- Какви се амбициите за следната сезона и дали може да очекуваме македонски фудбалери во Поликастро?
„Прво и основно мора да ни биде да се стационираме добро во оваа лига затоа што догодина ќе биде многу силна. Самиот податок што лигата од полу професионална ќе стане професионална и силата на екипите како што се поранешните прволигаши: Ксанти, Пас Јанина, Верија, Докса Драма, Касторија, Пиерикос итн ќе учествуваат во неа ни покажува дека иако јас лично не сакам да мислам на опстанок, ќе мора прво да го обезбедиме тоа па потоа ќе видиме понатаму. Сепак според буџетот се прават и целите а реално ние сме клуб со не многу голем буџет. Чекаме да видиме и дали ќе се менуваат правилата. До годинава мораше двајца играчи родени 2008 година да го почнат и завршат натпреварот. Сега сакаат да го сменат тоа и да биде со четири играчи родени 2008 година. Ќе видиме. Што се однесува до тоа да дојде некое „наше дете“ во тимот верувајте дека јас би бил најсреќен. Со тренерот Фитанидис се договоривме да го гледаме баражот на мојот матичен клуб Кожуф па еве шанса за нашите играчи. Сигурно ќе погледаме и некој од баражите за пополнување на првата лига па можноста е тука“, потенцираше Танев во разговорот за Спортска Мрежа.

- Колку е тешка улогата на спортски директор во споредба со играчката кариера?
„Видете!!! Секоја работа па и позиција си носи своја тежина. Јас во АЕП – Поликастро дојдов со веќе четиригодишно искуство стекнато во Кожуф (две години како претседател и две години како спортски директор). Многу се важни луѓето што се околу вас. Многу е важна взаемната доверба и секој да си ја завршува својата задача. Луѓето што сега го водат клубот се деца чии татковци претходно го водеа клубот уште јас кога стигнав во Поликастро како играч во 2001 година. Во мојот четиригодишен мандат како играч, во последната година ја добив и довербата да бидам капитен. Сето тоа овие „момци“ го гледаа затоа што беа секојдневно на стадионот. Тие многу добро знаеја за каква личност се работи и каков човек ангажираат. Сакаа уште кога игравме пријателска во октомври 2024 година кога го однесов Кожуф на пријателска во Поликастро да ме ангажираат. Им кажав дека имам дадено збор во Гевгелија дека до 07-ми декември кога завршуваше полусезоната кај нас дека ќе бидам во Кожуф. На 08-ми декември ме побараа на телефон. Се договоривме за две минути. Едноставно таа енергија и таа почит е од двете страни. Инаку како играч втората сезона во клубот 2002/03 станавме шампиони. 23 години клубот „постеше“ да сега како директор на клубот и пак втората сезона станеме шампиони. Во секој случај полесно е да се биде играч“, разкажува Танев во ексклузивно интервју за Спортска Мрежа.
- Кои се најголемите разлики меѓу македонскиот и грчкиот фудбал?
„Реално има големи разлики. Ќе почнам од најважното за мене а тоа е инфраструктурата. Не постои ни најмалото место во Грција а да нема основни услови за работа (добро одржуван терен, уредни соблекувални, рефлектори). Грција пред да стане европски шампион направи национална стратегија каде како своја филозофија го имаа тоа: „не се знае каде може да се појави талентирано дете“. Може и во најголемиот град а може и во најмалото „селце“. За таа цел тие направија услови буквално во секое населено место. Верувајте не случајно станаа европски шампиони. И уште нешто. Таму се знае кој каква улога има во клубот. Не може еден човек да работи се. Ние кај нас од претседателот на клубот бараме да биде се. Од претседател до економ и на крај пак е крив за се. Не може така. Мора да се менуваме. Што се однесува до менталитетот тие се такви луѓе да никогаш не се предаваат. Нема некоја убавина во фудбалската игра, ама дисциплината и физичката подготвеност се најважни кај нив. Што се однесува до атмосферата на трибините и навивачите мислам дека нема потреба да трошам зборови. Тоа се вистински фанатици. И нешто што најмногу го почитувам кај нив е тоа што тие одат да си го бодрат својот клуб независно кој е противникот од другата страна. Едноставно не се позери туку вистински навивачи“, вели Танев.
- Како изгледа ретроспективата од вашето доаѓање во клубот до денес?
„На 08.12.2024 се договоривме, а на почетокот на 2025 година и го официјализиравме моето доаѓање на местото генерален директор на АЕП – Поликастро. Единствена цел – влегување еден ранг погоре. Во тој момент екипата се наоѓаше на второто место со два бода заостаток. Целта беше да завршиме први за да имаме предност на домашен терен во баражот затоа што за директен пласман требаше да имаме пет бода разлика од вториот. Во тој преоден рок донесов четири играчи на позиции кои мислев дека требаат а најголемо засилување беше сенегалецот „Соу“ од Верија кој правеше голема разлика. На крај на првенството завршивме први со четири бода предност пред вториот кои не беа доволни да станеме шампиони без бараж натпревар но примарната цел беше исполнета. Во бараж натпреварот при наше водство во 95 минута со шише кое долета од трибините беше погоден гостински играч. Судијата ја прекина утакмицата и ние го губиме натпреварот на зелена маса поради слаба организација. Разочараноста е голема но очигледно беше дека не беше спортска одлуката. Решаваме дека годинава ќе ја исполниме целта и тоа се случи. Во моментот клубот без разлика на било какво прекројување на лигите се наоѓа во трета лига на Грција која од септември треба да има статус – професионална. Клубот е одлично организиран со не голем но стабилен буџет. Има своја база со три помошни терени и сала за кревање товар. Главниот стадион кој веќе една година се реновира ќе биде готов до септември и новата натпреварувачка сезона. Академија која брои над 150 дечиња. Сите цели се исполнети. За во иднина? Со претседателот имавме договор кој ми завршува сега и кој веднаш сакаше по завршувањето на сезоната да го продолжиме на уште три години. Искрено сакам да се одморам малку. Имам некои свои планови со фамилијата неврзани со фудбалот. Мојата одлука дали ќе продолжам и следниот период во клубот ќе зависи од тоа. Ќе решам во периодот што доаѓа. Како и да е тука сум секогаш за да помогнам“, вели Танев.
Разговор кој јасно ја отсликува страста, посветеноста и визијата на Ристо Танев – човек кој и како фудбалер и како функционер остава силен белег каде и да работи. Од шампионските денови на теренот до денешните успеси во директорската улога, неговата приказна е потврда дека знаењето, карактерот и искуството секогаш наоѓаат пат до успехот. Без разлика на тоа каде ќе го однесе следниот чекор, едно е сигурно – Танев останува име кое значи фудбал.