Екипата на Големо Коњари и официјално се сели во Третата македонска фудбалска лига – Југ, на седум кола до крајот на сезоната во Втората лига. За клубот ова беше кратка, но значајна епизода во второлигашкото друштво.
Минатата сезона Големо Коњари беше шампион во Третата лига – Југ, а иако загуби во баражот од Тетекс по изведување пенали, сепак преку ждрепка обезбеди место во Втората лига.
Клубот се соочи со сериозни финансиски предизвици, имајќи предвид дека доаѓа од мала средина, без генерален спонзор и без значајна поддршка од локалната самоуправа. Сепак, со заеднички сили – преку мали спонзори и огромна поддршка од локалното население – Големо Коњари покажа што значи вистинска љубов кон фудбалот.
Во изминатиот период беа направени значајни инвестиции за исполнување на условите за настап во Втората лига. Се реновираа соблекувалните, се санираше теренот, а беше изградена и трибина – проект зад кој стои управата на клубот, предводена од претседателот Тони Даноски. Токму на овој терен, своите подготовки ги одработи и младата репрезентација на Ерменија до 21 година пред дуелот со Македонија.
Големо Коњари функционира како едно семејство – од економот до претседателот, од фудбалерите до навивачите – каде фудбалот е дел од секојдневието и идентитетот на местото.
Резултатски, тимот има седум бодови по 23 одиграни натпревари (две победи, едно реми и 20 порази). Со оглед на тоа што 11-тото место, кое води во бараж за опстанок, го држи Каменица Саса со 28 бодови, а до крајот има уште 21 бод во игра, математички е јасно дека Големо Коњари ќе настапува во Третата лига – Југ следната сезона.
Сепак, бројките не ја раскажуваат целата приказна. Трибините на домашните натпревари беа редовно исполнети, а интересот за натпреварите постојано растеше. Особено се издвојува прилепското дерби против Победа, кога Големо Коњари славеше со 2-0 пред преполни трибини и атмосфера за паметење.
ОХРИД КУП 2026 – ФУДБАЛСКИ ТУРНИР ЗА ГЕНЕРАЦИИ ОД 2015 ДО 2019, СЕКОЕ ДЕТЕ ДОБИВА МЕДАЛ И МАИЧКА
Во следната сезона, Големо Коњари повторно ќе се сретне со Победа, но овојпат во рамките на Третата лига – Југ.
Иако резултатот оваа сезона значи чекор назад, приказната на Големо Коњари е доказ дека фудбалот не се мери само со победи и порази, туку со страста, заедништвото и љубовта кон играта – нешто што овој клуб го има во изобилство.