За првпат ова лето ќе се одржи меѓународниот младински фудбалски турнир „Охрид Куп 2026“, кој ќе ги обедини најмладите фудбалски таленти од Македонија и регионот.
Турнирот ќе се игра во периодот од 18 до 21 јуни на спортските терени во СРЦ „Билјанини Извори“, во еден вистински спортски амбиент покрај Охридското Езеро.
Настанот е наменет за генерации 2015, 2016, 2017, 2018 и 2019, а натпреварите ќе се играат во формат 6+1. Генерациите 2015 и 2016 ќе настапуваат на терен со димензии 50×30 метри, додека помладите категории (2017, 2018 и 2019) ќе играат на терен 40×20, што е прилагодено на нивната возраст и развој.
Организаторите најавуваат турнир кој ќе биде изграден врз вистинските вредности на спортот – љубовта кон фудбалот, фер-плејот и другарството.
Главната цел е младите да се насочат кон спортот, да го засакаат фудбалот, но и да научат да се почитуваат, да си подадат рака и да создаваат нови пријателства преку играта.

Во тој дух, секое дете – без разлика на конечниот пласман – ќе добие медал, како симболична награда за вложениот труд, желба и љубов кон фудбалот. Ова е уште една потврда дека „Охрид Куп 2026“ пред сè е турнир посветен на децата и нивниот правилен спортски развој.
Дополнителна вредност за сите учесници е и медиумската поддршка. Секоја екипа што ќе настапи на турнирот ќе добие бесплатна промоција во текот на целата 2026 година на спортскиот портал Спортска Мрежа, кој ќе биде и официјален медиумски покровител на настанот. На тој начин, клубовите и академиите ќе добијат простор за афирмација и презентација пред пошироката спортска јавност.
Пријавите за учество се веќе отворени, а заинтересираните екипи од Македонија и странство можат да се пријават на телефонските броеви 070 223 521 (Јовче) и 078 646 698 (Александар), како и преку порака до редакцијата на „Спортска Мрежа“.
„Охрид Куп 2026“ ветува четири дена исполнети со детска радост, фудбалска магија и позитивна енергија. Покрај прекрасниот амбиент, публиката ќе има можност да ужива во талентот на младите фудбалери, додека на крајот – сите ќе заминат како победници, со медал околу вратот и нови спомени од еден посебен турнир.