Ракометарите на ГРК Охрид утре ги очекува еден од најзначајните предизвици во сезоната. Во рамките на плеј-офот од Супер Лигата, охридскиот состав на домашен терен ќе ја пречека екипата на Алкалоид, во дуел кој може да има големо значење во битката за позициите што водат кон европските натпреварувања.
Црногорскиот интернационалец во редовите на Охрид- Вуко Борозан смета дека претстојниот натпревар е од огромна важност за неговиот тим.
Според искусниот ракометар, Алкалоид е сериозен противник и се очекува цврст и неизвесен дуел, во кој одбраната може да ја има пресудната улога. Борозан потенцира дека тимот го гледа овој натпревар како вистинско финале во Супер Лигата и верува дека Охрид ќе успее да го даде максимумот во борбата за посакуваниот резултат. Воедно упати и повик до публиката да ја исполни салата и да му даде силна поддршка на тимот.
„Ова е натпревар на сезоната- влогот е Европска лига. Очекувам многу квалитетен натпревар, тврд и со многу дуели. Одбраната ќе биде клучот за победа, оној тим што ќе одигра подобро во одбрана, ќе победи. Се надевам дека на крај тоа ќе бидеме ние. За нас ова е еден вид ,,финале” во Супер Лигата. Сакам да ги повикам охриѓани да дојдат во што поголем број и да бидат нашиот осми играч.“- изјави Борозан.

Дуелот меѓу ГРК Охрид и Алкалоид се игра во сабота во спортската сала „Билјанини извори“ со почеток од 18:00 часот. Влезот е слободен, а натпреварот ќе има и хуманитарен карактер – во салата ќе бидат поставени кутии за донации за лекување на десетгодишната охриѓанка Ева.
Се очекуваат исполнети трибини и голема поддршка за домашниот тим во овој важен натпревар.