Еурофарм Пелистер го очекува нов сериозен европски испит, а предводникот на битолчани, Лино Червар, е свесен за тежината на задачата што му претстои на неговиот тим. Полскиот Вибжеже Гдањск пристигнува во Битола без пораз во Лигата на Европа, но „зелено-белите“ ќе се обидат да ја искористат предноста на домашниот терен и со поддршка од трибините да стигнат до исклучително важни бодови.
Червар очекува тешка пресметка, особено поради квалитетот и начинот на игра на противникот. Гдањск располага со комбинација од млади и искусни ракометари, а неговата брза транзиција ќе бара максимална концентрација и дисциплина од домашниот состав. Сепак, искусниот стратег верува дека атмосферата во „Боро Чурлевски“ може да биде значаен фактор.
„За нас, овој меч е голем предизвик. Во четири дена да се играат три натпревари- три дерби-дуели, тоа сè уште никогаш во животот не сум видел дека може да се случи, но што е тука е. Мора да дадеме сè од себе, за да можеме да ѝ парираме на екипата на Гдањск, која сè уште нема пораз. Ни следи голема битка, но ќе се обидеме да го добиеме тој натпревар. Нема да биде лесно, но со помош на публиката…ако ни дадат поддршка како против Гумерсбах..тогаш мислам дека имаме шанси. Секогаш има шанси кога имаш таква публика.“
Покрај европскиот предизвик, Червар отворено го посочи и проблемот со густиот натпреварувачки календар. Еурофарм Пелистер во краток период игра низа тешки средби на повеќе фронтови, па тренерот смета дека ваквиот ритам не им остава доволно простор на играчите за одмор и физичко закрепнување.
Тој смета дека во вакви ситуации треба да се направат промени во распоредот, со цел ракометарите да можат да го покажат својот вистински квалитет, наместо да се соочуваат со дополнителен замор.
„Ниедно тело за кратко време не може да се одмори кога играте три дерби средби. Тоа никогаш не смее да се случи повеќе и мора да се интервенира во распоредот, да се одложи меч од првенството, бидејќи тоа е добро за македонскиот ракомет, за играчите да се претстават најдбро што можат. Играчите не се животни, се изморуваат, ако немаат време за рекуперација, тогаш не можат да дадат максимум. Но тоа е што е, мора да размислуваме за Гдањск и да размислуваме како да победиме“- изјави Червар.
И покрај згуснатиот распоред и серијата тешки натпревари, фокусот на битолчани во овој момент е целосно насочен кон Гдањск. Еурофарм Пелистер има три освоени бода во групата и секој нареден резултат може да биде важен во трката за продолжување на европскиот пат.

Натпреварот против полскиот состав ќе се одигра во салата „Боро Чурлевски“, со почеток од 18:45 часот, а битолчани ќе ја бараат поддршката од своите навивачи во обидот да стигнат до нов значаен европски триумф.