Екипата на Шкупи се подготвува за соочувањето со Струга Трим Лум, која е во потрага по нова победа за да ја продолжи трката за врвот на табелата и шампионската титула. Тимот од Чаир покажа солидна игра на последниот натпревар против Башкими. Иако двата гола беа примени во второто полувреме, младите фудбалери на Шкупи пружија силен отпор во првиот дел од мечот во Куманово.
Со ист фокус и максимален ангажман, младинскиот состав на Шкупи сега влегува во пресметката од 22-то коло против Струга Трим Лум.
„Максимално сме фокусирани на натпреварот против Струга, без оглед на тоа што сме млад состав. Се бориме за боите на клубот до последен здив и во ниту еден момент нема да се предадеме,“ изјави пред натпреварот Анес Бајрами.
Шкупи сè уште нема постигнато гол во пролетниот дел од сезоната и досега нема освоено бодови. Натпреварот меѓу Струга Трим Лум и Шкупи ќе се одигра на Градскиот стадион во Струга, со почеток во 13:00 часот.